Честитка од Груевски до Медведев за Денот на победата над фашизмот

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, упати честитка до неговиот руски колега Н.Е. г-дин Димитриј Медведев, претседател на Владата на Руската Федерација, по повод големиот празник на Руската Федерација – Денот на победата над фашизмот.

„Почитуван колега Медведев,

Дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија да Ви го честитам 9-ти Mај – Денот на победата над фашизмот, ден кога слободољубивите народи од целиот свет остварија победа за поправеден и помирољубив свет базиран на соработка и солидарност.

На овој датум се присетуваме на храброста и самопрегорот, на големиот број херои и огромниот број жртви, пред се на руска страна, кои беа дадени за победа врз силите на сите оние кои за  време на Втората светска војна застанаа на страната на теророт и најгрубото газење на човековото достоинство и цивилизациски норми. Во таа борба, во која една од главните улоги ја имаше рускиот народ, застана и народот на Македонија, определувајќи се за антифашизмот, бранејќи ја со своите животи правдата и слободата.

Денес, празнувајќи го 9-ти Мај, се поклонуваме пред таквата определба и пред големото дело на славната историја! Искажувајќи им огромна почит на сите оние кои се водеа од вредностите, и од антифашистичките идеали во минатото, сакам да упатам порака за посветеност и целосна приврзаност кон современите демократски принципи, за соработката помеѓу народите и почитување на меѓународното право и правдата.

Овој датум претставува уште еден заеднички симбол на длабоките и пријателски, историски, културни и духовни врски помеѓу Македонија и Русија. Верувам дека таквите врски ќе продолжиме да ги негуваме и соодветно унапредиме во секое поле од заеднички интерес.

Честитајќи Ви го денешниот ден, Ве молам, Ваша Екселенцијо, да ги примите изразите на моето високо почитување“. – се вели во честитката од премиерот Груевски упатена до неговиот руски колега, Медведев.