На денешната прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев истакна дека Владата на Република Македонија е константно фокусирана на реализација на мерки и реформи кои значат подобрување на бизнис климата и деловното опкружување.
На минатата седница Владата разгледуваше и усвои нова реформа чија цел е поедноставување на постапките и процесите за основање на фирма во Централниот регистар на Република Македонија, и намалување односно укинување на трошоците на субјектите за регистрација на фирма доколку се изведе на начинот кој се пропишува со оваа нова реформа.
Досега фирма се основаше односно впишуваше во Централниот Регистар и тоа можеше да се направи и по електронски пат и во хартиена форма, односно со достава на поднесокот на самиот шалтер на Централниот регистар или неговите подружници. Со новата реформа, покрај постоечките се дава и нова можност, односно субјектот кој сака да основа фирма тоа ќе може да го направи и преку специјализирани регистрациони агенти кои се ново предвидена можност со законските измени кои се веќе усвоени од страна на Владата и се веќе во собраниска процедура.
Регистрационен агент може да биде субјект кој ќе поднесе барање до Централниот регистар за добивање на овластување за вршење дејност на регистрационен агент и притоа да ги исполнува следните услови:
-да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво,
-да има вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител за чие добивање треба да исполнува одредени услови согласно законот за вршење на сметководствени работи меѓу кои и образованието,
-да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
-да има потпишано изјава за заштита на личните податоци, пред почетокот на работата.
Или поедноставно кажано, реформата е димензионирана за да може регистрациони агенти да бидат сметководителските друштва, односно секој субјект(сметководител), кој има добиено лиценца за вршење на дејноста. Таа е разгледувана и поддржана од страна на Комората на сметководители што дава поголема гаранција на нејзиниот квалитет и очекуваната успешност.
Со реформата, во идниот период, доколку некој субјект сака да основа фирма, тогаш тоа што треба да го направи тој субјект е да отиде кај сметководител кој има добиено овластување да биде регистрационен агент, и да изјави волја да основа и регистрира фирма и да се идентификува. Понатаму, сметководителот-регистрационен агент во име на субјектот кој сака да основа и регистрира фирма ќе ги преземе сите понатамошни чекори за впишување на фирмата во Централниот регистар, односно ќе ги обезбеди и пополни пријавата и прилозите кон пријавата и ќе ја поднесе пријавата по електронски пат. На тој начин субјектот кој сака да основа и регистрира фирма ќе го направи тоа без никаков трошок, бидејќи сметководителот-регистрационен агент нема да му наплати за неговиот труд и нема да има трошок за регистрација затоа што сметководителот веќе поседува електронски дигитален сертификат за потпис за поднесување на документација по електронски пат, кој се разбира го користи за други видови работа во врска со неговата дејност и претходно. Сметководителот-регистрационен агент ќе има овластување пријавата и прилозите кон истата изворно да ги достави , да ги потпише со негов електронски потпис и да ги поднесе. Сметководителот-регистрационен агент во постапката за упис покрај поднесување на пријавата ќе има овластување да го утврдува идентитетот на учесниците, а секоја пријава поднесена од негова страна ќе биде третирана како веродостојна, односно оригинална.
Со оваа реформа се остваруваат повеќе позитивни цели:
-субјектите кои ќе се решат да основаат и регистрираат фирма на овој начин, преку сметководител кој е регистрационен агент, тоа ќе го направат без трошок,
-се поедноставува постапката и со новата реформа за основање и регистрација на фирма потребен е само еден чекор и
-се надминува територијалниот јаз на можноста за основање на фирма, односно се врши децентрализација на можноста.
Централниот регистар има десет подружници во кои можеше да се достави на шалтер поднесок за отворање на фирма, а сега ќе може од секое место каде што има сметководител-регистрационен агент да се искористи оваа можност, значи покрај 10 града каде што има подружници на Централниот Регистар, тоа ќе може да се направи и во другите градови каде нема подружници, но и во помалите населени места каде има сметководител-регистрационен агент.
Она што е дополнително значајно е дека на овој начин се овозможува почетен консалтинг, односно вертикална и хоризонтална интеграција на пазарот. Субјектот кој ќе регистрира фирма преку сметководителот-регистрационен агент, веднаш доаѓа во контакт со него, се воспоставува однос и може да користи и други негови совети и услуги за развој и водење на неговиот бизнис кои ќе се од особена корист за бизнисот, како што се сметководствени работи, финансиски консалтинг доколку го има и слично, прашања кои двете страни доколку сакаат да стапат во контакт на друго ниво ќе ги уредат дополнително согласно процедурите кои ги дефинираат видот и обемот на услуги, надоместокот за тие услуги и слично.
Очекуваме дека со оваа реформа Република Македонија ќе оствари нов позитивен чекор во делот на оценката за бизнис климата и деловното опкружување, и дека ќе се остварат позитивни ефекти и за субјектите кои сакаат да основаат фирма, ќе се зголеми бројот на електронско основање на фирма и електронско постапување во сферата на бизнисот и дека ќе се остварат и повеќе позитивни ефекти во поглед на работата на дејноста на сметководителите.