Церемонијална размена на знамињата на Република Македонија и на Европската унија

zname1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Н.Е. г. Аиво Орав,  денеска извршија традиционална церемонијална размена на знамињата на Република Македонија и на Европската унија, во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, вила „Водно“. Церемонијалната размена на знамињата се одвива во рамки на планинарскиот марш, што се одржува во организација на Европското движење на Република Македонија и на Делегацијата на Европската унија во Скопје, како дел од активностите на одбележувањето на 9 мај – Денот на Европа.

На учесниците на планинарскиот марш, кои предводени од амбасадорот Орав пристигнаа во претседателскиот Кабинет, претседателот Иванов им упати срдечни честитки по повод Денот на Европа. Воедно, Претседателот на Република Македонија порача дека планинарскиот марш треба да ги симболизира напорите за движење во нагорна линија на сите сегменти во општествениот живот и државата.

По извршената церемонијална размена на знамињата на Република Македонија и Европската унија, планинарскиот марш продолжи кон врвот Водно, каде традиционално се поставуваат двете знамиња.