Одржана редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика

На 14.5.2013 година, се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на којашто беа разгледани податоците за банкарскиот сектор заклучно со март 2013 година, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во април 2013 година, резултатите од моделот МАКПАМ и ликвидноста во банкарскиот систем.

Во банкарскиот сектор, заклучно со март, продолжува трендот на одржување висока ликвидност. Кај кредитната активност, годишните промени упатуваат на забавување на кредитирањето на претпријатијата, додека кредитите на населението имаат умерено побрзо зголемување. Депозитната основа се одржува на стабилно ниво, при што сѐ уште е присутен трендот на побрз раст на денарското штедење во однос на штедењето во девизи.

Најновите податоци за економската активност во евро-зоната упатуваат на заклучокот дека рецесијата може да продолжи и во вториот квартал на 2013 година, при што изгледите за закрепнување на европската економија во втората половина од годината се сѐ уште неизвесни. Во такви околности, а со оглед на очекувањата за ниски ценовни притисоци на среден рок, Европската централна банка на редовниот состанок на почетокот на мај, одлучи да преземе мерки за натамошно олабавување на монетарната политика, преку намалување на каматните стапки.

Ликвидноста во банкарскиот систем во земјата и натаму се одржува на релативно високо и стабилно ниво, при што банките активно ги користат монетарните инструменти. На домашните пазари, се одржува релативно висока доверба помеѓу пазарните учесници, што овозможува продолжување на трендот на тргување со депозити на подолги рочности (до 3 месеци) и умерено зголемување на тргувањето со хартии од вредност. На девизниот пазар, движењата се под влијание на вообичаените сезонски фактори, при што е забележано зголемување на трансакциите на меѓубанкарскиот девизен пазар.

На седницата на Комитетот беа разгледани и последните макроекономски проекции и најновите макроекономски показатели, во контекст на нивните ефекти врз поставеноста на монетарната политика. Притоа, беше оценето дека новото макроекономско сценарио не се разликува значително во однос на претходните проекции. Показателите за активноста за првото тримесечје и оцените за факторите на растот во следниот период придонесоа за задржување на досегашните оцени за економскиот раст. И понатаму се очекува дека ова закрепнување нема да биде доволно силно за да предизвика поголеми притисоци во економијата преку каналот на побарувачката. Инфлациските изгледи за 2013 година се променети во надолна насока, во услови на помала остварена инфлација од очекуваната и очекувања за помали притисоци од увозните цени. И покрај намалувањето на девизните резерви во последниот период, што е вообичаено сезонско движење, проекциите за надворешната позиција на економијата и понатаму упатуваат на простор за нивно зголемување до крајот на годината. Проценетите показатели за адекватност на резервите укажуваат на ниво на девизни резерви, во наредниот период, што е доволно за справување со евентуални, непредвидени шокови. Во услови кога динамиката на монетарниот раст е во рамки на очекувањата, при истовремено задржување на претпоставките за растот на економија, задржани се и претходните оцени за забрзување на кредитниот раст до крајот на годината. Сепак, во услови на неизвесен амбиент, и покрај расположливиот финансиски потенцијал за кредитирање, согледувањата на банките за ризиците имаат голема улога во определувањето на обемот на новото кредитирање. Оттука, и оваа проекција на кредитниот раст е придружена со надолни ризици, условена од очекувањата и довербата на субјектите во економијата. Во овој контекст, НБРМ во понатамошниот период ќе ја оцени потребата од преземање дополнителни мерки за поттикнување на кредитниот раст. 

Општо земено, новите проекции на НБРМ укажуваат на задржување слична макроекономска слика од јануарскиот циклус, којашто предвидува бавно економско закрепнување и платнобилансна позиција којашто обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватното ниво. Позначајна промена е тоа што сега се предвидуваат малку послаби инфлациски притисоци, во споредба со јануарските оценки. Ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио сѐ уште се главно од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст. Остварувањето на овие ризици може да има неповолни ефекти врз патеката на девизните резерви, преку повеќе пунктови во билансот на плаќања. Воедно, и покрај намалените инфлациски притисоци, базичната инфлација и понатаму е релативно висока. При вакви макроекономски услови и оценети ризици, а имајќи го предвид извршеното монетарно олабавување од почетокот на годината, коешто во финансискиот сектор се пренесува со одредено временско задоцнување, засега постојната монетарна поставеност се оценува како соодветна. 

Имајќи ги предвид најновите макроекономски и финансиски показатели, на седницата на Комитетот беше одлучено максималната каматна стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 3,5%, а на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ (24.020 милиони денари). На тој начин, монетарната политика преку одржување ниски каматни стапки, придружено со преземените мерки кај задолжителната резерва, создава простор за поактивно кредитирање на приватниот сектор. Народната банка во наредниот период внимателно ќе ги следи движењата на кредитниот пазар и доколку оцени дека има потреба, ќе направи соодветни промени со цел да поттикне позначителна кредитна поддршка на правните субјекти.