„Во партнерство со медиумите до општество со нулта телеранција за семејно насилство“

Без сеопфатна и широка граѓанска и јавна партиципација не ќе е можно успешно спротивставување и анулирање на семејно насилство и неговите, без дилема, секогаш трауматични и болни последици, потенцира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешниот панел на тема „Во партнерство со медиумите до општество со нулта телеранција за семејно насилство“, што се одржа во Скопје.

„Можеби е разбиена фамата на семејното насилство, оној непријатен молк и трагична дискретност која што порано по правило го следеше овој реален проблем, но тоа не значи дека сме стигнале до целта, напротив“, нагласи Јанкулоска.

Во првото тромесечие од годинава, информира таа, во кое се евидентирани 174 кривични дела при семејно насилство, што е зголемување од 30 проценти во однос на лани, преовладуваат „телесните повреди“. Сторителите, во најголем дел се мажи, а жртвите речиси 90 проценти се од женски пол.

Јанкулоска потенцира дека медиумите се неспорни во успешно општествено справување со семејното насилство, но не само како хроничари, туку, подвлече, како артикулатори на јавното мнение.

„Според мое убедување, кога јавноста се соочува со проблемот на семејното насилство, би било погрешно ако тоа се третира само како настан, вест која што сама по себе обезбедува некаков ексклузивитет“, рече во обраќањето Јанкулоска и посочи дека семејното насилство односно неговите причинители колку што лежат во индивидуалните предиспозиции, во иста мера може да се детектираат и во општествено-социјалните околности кои бездруго имат свое влијание врз таквото кримниногено поведение.

Според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски само со заеднички напори, унифициран и конзистентен пристап на сите субјекти во процесот на справување со семејното насилство, можеме да зборуваме за интегрирано справување со овој криминален чин и адекватно третирање на жртвата.

Посочувајќи оти медиумите се една од најважните алки и играат круцијална и суштина улога, тој ги охрабри „да одат подлабоко“ во истражување на ваквите стории, да помагаат во нотирањето на одговорните страни и да повикуваат на кохерентен, проактивен, транспарентен и професионален однос до сите релевантни страни. Се очекува, подвлече, медиумите да алармираат и на можни неправилности во работењето на инволвираните општествени чинители.

Ристовски потсети и на усвоената владина Национална стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015, што ќе се имплементира преку спречување, заштита, помош и поддршка на жртвите на семејно насилство, гонење на сторителите, мултисекторска соработка и подигнување на институционалните капацитети, како и следење и евалуација.

На тема „Во партнерство со медиумите до општество со нулта телеранција за семејно насилство“ денеска говореа и потпретседателките на Собранието на Република Македонија Светлана Јакимовска и Сузана Салиу, како и амбасадорот на Кралството Холандија Мариет Шурман и в.д. постојан претставник на УНДП во Македонија, Алесандро Фракасети.