Промовирани првите осум дела од проектот „Македонски искушенија“

Првите осум дела од проектот „Македонски искушенија“, што предвидува печатење на 25 ексклузивни публикации произлезени од документарни филмови за значајни личности и настани од македонската историја, денеска беа промовирани во Порта „Македонија“.

„Еден век прогонство“, „Жртви на комунистичкиот режим“, „Павел Шатев“, „Тодор Александров“, „Христо Татарчев“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Јане Сандански“ и „Методија Шаторов-Шарло“ се првите осум книги. Овие дела во прилог содржат и ДВД-изданија со видеоматеријали со висок квалитет на кои се прикажани документарните филмови, авторски дела на наши познати македонски режисери, Иво Трајков, Дарко Митревски, Александар Русјаков, Марија Џиџева, Петар Ѓуровски… Македонската јавност имаше можност овие филмови да ги проследи на националниот сервис МТВ.

Премиерот Никола Груевски на промоцијата  оцени дека проектот „Македонски искушенија“ е поклонување пред делото на историските личности и настани кои заслужуваат внимание и соодветен третман.

„Книгите што денеска ги промовираме претставуваат научен запис кој ни ја доближува идејата, силата, љубовта, непокорот и духот на времето во кое  живееле, твореле и се бореле нашите дејци кои станале дел од македонската историја и колективното паметење на народот“, рече Груевски.

Според него, историските ликови и настани заслужуваат целосно осветлување и соодветен третман  во Македонија, што недостигал во поранешниот општествен систем кога многу од нив биле маргинализирани, деградирани и заборавени.

„Но, затоа, пак, денес, во современа независна и демократска Република Македонија историчарите можат во целост и без никакви  предрасуди, врз база на научно верифицирани аргументи и толкувања, поткрепени со бројни  документи, фотографии, да ни го доловат она што претставува значајно и трајно дело во македонската историја и борба.  Во тој дух беше започнат и  овој проект, чии книги говорат за бројните подвизи  на  поединци, но и на цели генерации граѓани кои го изоделе трнливиот  пат за извојување на својата слобода и за зачувување на своето достоинство  и национален идентитет. Денес, на некој начин, преку  овој проект се поклонуваме на нивното дело“, рече Груевски. 

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска оцени дека овој проект ќе има трајно влијание во македонскиот културен, историски и образовен контекст и ќе ја збогати македонската историска наука со нови, значајни дела.

„Првите осум книги од едицијата „Македонски искушенија“ ќе ни понудат нова интелектуална и духовна перспектива, мозаик од знаења, идеи и стремежи, ќе ни понудат научно верифицирани факти, аргументи и толкувања, кои говорат за долгата историја на македонската борба за државност и самостојност“, рече Канческа-Милевска.

Овие вредни изданија, додаде, се авторски труд на многу еминентни македонски професори, историчари и проучувачи на македонската историја, експерти кои својот професионален ангажман и работен век го вложија во истражувањето на минатото на нашиот народ.

Таа потенцира дека на овој начин се збогатува македонскиот книжевен и историски корпус, се афирмираат македонски значајни личности и настани кои оставиле неизбришлива трага во повеќеслојната македонска историја.