Матурантите денеска играа квадрил на Градскиот плоштад

По седми пат, точно напладне денеска на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“, охридските матуранти, беа дел од големата европска манифестација „Матурска парада  2013“. Матурантите танцуваа квадрил на музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“.

Пред почетокот на танцот, на градскиот плоштад, на матурантите и пред присутните  им се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески . 

„Охрид денес е дел од еден голем интернационален настан на матурантите од 11 држави во Европа, кои сите заедно под звуците на Штраус, ќе танцуваат  КВАДРИЛ на МАТУРСКАТА ПАРАДА 2013. Охридските 360 матуранти во еден такт со своите врсници од другите стотина градови, денес почнуваат да го прославуваат завршувањето на дел од својата кариера, оној дел од заедничко дружење во средношколските клупи и делењето на заеднички моменти кои остануваат засекогаш врежани во човечката меморија“. – истакна Бакрачески во своето обраќање.

Градоначалникот Бакрачески на сите матуранти им ја честита матурата со желба за здравје, успех и многу пријатни моменти во животот.

„Пред Вас е отворен пат кој секој посебно ќе го осмислува и секој посебно ќе го поминува. Бидете достоинствени, бидете храбри да се соочите со предизвиците кои секогаш стојат пред човекот. Бидете цврсти во Вашите одлуки да напредувате во животот, само на оној начин кој нема да ги наруши човечките етички вредности. Посветете се на стекнување на повисоко образование, на стекнување на вистинско знаење, зошто тоа е патот кон успехот и една од работите која во животот никогаш нема да може да Ви биде одземена. Но пред се, бидете среќни и направете и другите да се чувствуваат среќни со Вас“. – рече Бакрачески.

Охридските матуранти истовремено танцуваа со свои врсници од градовите ширум Европа. Танцовата школа „УРШКА“ од Љубљана (Р. Словенија) која е организатор на овој специфичен, интересен и оригинален начин на одбележување на матурата, и за оваа година ги најавува своите очекувања дека повторно ќе биде соборен Гинисовиот рекорд.  Моментално, според Гинис, во Матурската парада учествувале 30.200 матуранти.

WebOhrid