Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски доби Сребрен медал на честа за заслуги и придонес за развојот на Меѓународната телекомуникациска унија (ИТУ).
Медалот му е доделен во Женева, на Светскиот самит за информатичко општество 2013 што се одржа од 14 до 16 мај.
Со Самитот, кој на едно место ги собра највлијателните организации, компании и министри на влади од областа на информатичко-комуникациските технологии, претседаваше Ивановски. Прифатени беа сите шест заклучоци кои во иднина треба да придонесат за уште поголем развој на информатичките општества.
За време на неколкудневното учество на конференцијата, министерот Ивановски оствари значајни билатерални средби со истакнати претставници на меѓународниот ИТ сектор, со што уште еднаш се потврди местото и улогата на Република Македонија на светската информатичка мапа.