Охрид ќе биде домаќин на 16-тиот Самит на Шефови на држави и влади на земјите учеснички од Југоисточна Европа

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 1 јуни 2013 година, во Охрид, ќе биде домаќин на 16-тиот Самит на Шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Главни теми на кои ќе биде посветен Самитот под мотото „Солидарност во акција” се намалување на ризиците од катастрофи и адаптација кон климатските промени. 16-тиот Самит на Шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа претставува завршна активност во рамките на едногодишното македонско претседавање со оваа регионална иницијатива.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 2 јуни 2013 година, во Струга, ќе биде домаќин на 11-ти Регионален форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите”, насловен како „Млади за иднината – иднина за младите”.

Во фокусот на дебатата на регионалните лидери на 11-тиот Форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите”, ќе биде создавање на безбеден, мирен и просперитетен свет за идните генерации и вложување во нивното образование со цел активно да придонесат во градењето на демократските процеси, доброто државно владеење и унапредувањето на долгорочните и конструктивни односи меѓу државите и народите. Со Форумот во Струга ќе биде одбележан и 10 годишниот јубилеј од „Дијалогот меѓу цивилизациите”, кој започна на иницијатива на поранешниот претседател на Република Македонија, г. Борис Трајковски, кој во Охрид, 2003 година, беше домаќин на Првиот регионален форум.

Досега, на настаните во Охрид и Струга, своето присуство го потврдија и се очекува да учествуваат:

Претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани,

Претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, г. Небојша Радмановиќ,

Претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев,

Претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ,

Претседателот на Молдавија, г. Николае Тимофти,

Претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ,

Претседателот на Романија, г. Трајан Басеску,

Претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ,

Претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор,

Министерот за надворешни работи на Република Турција, г. Ахмет Давутоглу.

Како учесници или специјални гости на двата настана се очекува да учествуваат:

Претседавачот со Генералното собрание на ООН, г. Вук Јеремиќ,

Генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова, 

Комесарот на Европската Унија за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи, г-ѓа Кристалина Георгиева,

Специјалниот претставник на Генералниот секретар на ООН за намалување на ризиците од катастрофи, г-ѓа Маргарета Волстром,

Специјалниот претставник на Генералниот секретар на Советот на Европа и Шеф на одделот за демократски иницијативи, г. Еладиот Фернандез Галиано,

Претседавачот на Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи, г. Даг Олаф Хогволд,

Специјалниот претставник на Генералниот секретар на Меѓународната организација на франкофонијата, г. Давид Бонгард,

Специјалниот претставник на Генерланиот секретар на ООН за млади, г. Ахмад Алхиндави,

 Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, г. Горан Свилановиќ,

Амбасадорот на Ирска, актуелен претседавач со ЕУ, г. Оливер Гроган.

16-тиот Самит на Шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа ќе се одржи во хотел Инекс Горица, во Охрид, додека 11-тиот Регионален форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите” ќе се одржи во хотел Бисер, во Струга.