Спроведена акцијата за заштита на шумскиот појас во стариот дел на градот

Еколошка акција за спас на шумскиот појас во стариот дел од градот, денес организираше Еколошкото друштво „Грашница“. Од ЕД Грашница велат дека голем број борови и бадемови стебла од шумата помеѓу Самоиловите Тврдини и Плаошник се нападнати од инвазивното растение бршлен, и дека бршленот буквално ги цица и загушува дрвјата и претстои опасност шумата да се исуши.

„Бршленот се одвива околу стеблата на дрвјата, ја зголемува нивната тежина и при поголеми ветрови или при снег стануваат доста кршливи, бидејќи при поголема тежина тие се ранливи на други влијанија и значи има можност шумата постепено да се деградира“. – изјави Ѓоко Зороски од Еколошкото друштво Грашница Охрид.

Акцијата беше насочена кон физичко отстранување на бршленот, бидејќи како што рече Зороски бршленот е доста упорно растение кое што бара физички да се отстранува.

„Целта на акцијава ни е да привлечеме што поголемо внимание, бидејќи не е само шумата од стариот дел на градот нападната, туку патот кој води до градот Охрид“. – додаде Зороски.

Акцијата се организира заедно со Одделението за заштита на животна средина од општина Охрид, здруженијата „Синан Челеби“ и „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид како и со поддршка на студенти од Факултетот за туризам.

WebOhrid