Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го посети Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во Скопје, по повод промоцијата на ИЗИИС за институт на УНЕСКО од категорија 2, со што стана прва институција на УНЕСКО во Република Македонија и единствен институт на УНЕСКО во светот што работи на полето на земјотресното инженерство, сеизмологијата и намалувањето на ризиците од големи земјотреси, а во пресрет на одбележувањето на 50 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Во изминатите децении, нагласи претседателот Иванов во обраќањето, ИЗИИС покажа капацитет и моќ на институција која има меѓународни вредности и е почитувана насекаде во светот. Мора да бидеме горди, подвлече претседателот Иванов, што ИЗИИС стана претпознатлив бренд, една од најпознатите институции за инженерство и сеизмологија.
„Науката се уште е неможна да предвиди кога ќе се случи земјотресот, но со сето она што го правите во ИЗИИС придонесувате градбите кои се создадени по вашите стандарди, да ги претрпат сите удари и да се спречат поголеми како катастрофи, но поважно човечки жртви, како што беше случајот пред 50 години“, рече претседателот Иванов, додавајќи оти поука од тоа што се случи е дека на наредните генерации треба да им оставиме побезбеден и посигурен свет.
Основна тема на Самитот на Шефови на држави и влади на земјите учеснички на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што ќе се одржи на 1 јуни во Охрид, информира претседателот Иванов, ќе биде за тоа како да се справиме со предизвиците кои ги носат природните катастрофи. Мотото на Самитот ќе биде „Солидарност во акција“, затоа што, потенцира претседателот Иванов, ние ја почуствуваме солидарноста на светот по она што се случи во Скопје и сега сакаме да возвратиме со тоа што сето тоа што сме го постигнале и научиле, сакаме да го пренесеме на соседните и блиските земји кои се соочуваат со исти или слични предизвици.
Директорот на ИЗИИС, проф. д-р Михаил Гаревски информира дека претседателот Иванов е покровител на интернационалната конференцијата што ќе се одржи од 29 до 31 мај по повод 50 години од скопскиот земјотрес, на која се очекува да учествуваат над 200 претставници од целиот свет.
!ИЗИИС стана институт на УНЕСКО категорија 2. Ние инсистиравме кратенката ИЗИИС да си остане покрај новиот назив интернационален институт по земјотресно инженерство“, изјави Гаревски.
Директорот Гаревски, меѓу другото, посочи дека ИЗИИС е првиот институт во Европа каде што се одржани постдипломски студии по земјотресно инженерство уште во 1967 година. Иницијативата за формирање Европска асоцијација во која сега членуваат 54 земји, подвлече, потекнува од Скопје.
За време на посетата на ИЗИИС, беше извршена демонстрација на тестирање на модел за сеизмичка вибро платформа.