ВМРО-НП: ЕМО го доживува својот конечен крај

„Денес, жителите на Охрид и на Република Македонија се сведоци на пропаста на некогашниот гигант, охридски ЕМО. За жал, некогашната најголема фабрика ЕМО денес е на половина чекор до својот конечен крај.

Имено, деновиве од работа отпуштени се преку петстотини работници, кои и така не примаа придонеси со месеци. Скоро сите работници, на кои им се ветуваше посветла иднина пред локалните избори, се испратени дома. Конечно го видоа вистинското лице на оваа ненародна власт. Залудни беа менувањата на безброј раководства и носењето на т.н. експерти од Скопје за спас на ЕМО кои додека работниците со месеци не земаа плата, тие примаа придонеси над 3000 евра.

Колку за потсетување, во приодот кога премиер на Република Македонија беше Љубчо Георгиевски, охридскиот гигант ЕМО беше трета фирма во државата по обрт на средства. Во тој период работеше насекаде низ странство. На крај од мандатот на Владата на Георгиевски, фирмата беше во позитива од над четири милиони евра.

Очекуваме владеачката партија во наредните денови да излезе пред јавноста и да објасни што се случи со ЕМО. Како успеаа, од најголема фабрика да ја доведат пред затворање. Исто така, бараме и од синдикатот на ЕМО да реагираат по овие отпуштања затоа тука се засегнати токму тие, работниците на ЕМО“. – стои во дописот испратен до медиумите од страна на ВМРО – Народна партија – Охрид.