Сега веќе можете од поблиску да ги доживеете стиховите на Миладинов и дарбите кои „природна сила со с’та раскош ги растурила…“ тука во Охрид и околината каде „поле погледнеш или планина – сегде божева је хубавина!“
Токму такво несекојдневно доживување ќе имате ако се искачите до Самуиловата тврдина и погледнете низ ново поставените телескопи кои ќе ви доловат прекрасна глетка на Охрид, Езерото и на околината… За сите вљубеници во убавото вакво доживување овозможи Владата на Република Македонија која неодамна донира два панорамски телескопи кои Заводот и музеј Охрид ги постави на највисоките кули на Самуиловата тврдина.
„Со одлука на Владата на Р.Македонија, Министерството за култура и донира на НУ Завод за заштита на спомениците и културата и Музејот Охрид два телескопи. Како локација за нивно поставување ги одбравме двете кули од Самуиловата тврдина како највисоки точки од градот, со цел со тие два телескопи да може да се види најдобро целиот град и неговата околина. Над самите телескопи поставени се дрвени настрешници заради нивна заштита од атмосферски влијанија.“ – изјави за WebOhrid, директорот на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, Тања Паскали Бунташеска.
Телескопите работаат на принцип на ставање на монета од 5 денари, која служи како жетон со кој се отвара телескопот, а со тоа волшебноста е пред вашите очи. Ќе можете да уживате во сите охридски и крајезерски убавини од Охрид до Струга, до Свети Наум и преку езерото.
WebOhrid