СВР Охрид веќе презема безбедносни мерки за претстојниот самит

По повод претстојниот самит на шефови на држави и влади на земјите учеснички во процесот на соработка во југоисточна Европа и единаесеттиот форум на дијалог меѓу цивилизациите, што од 31-ви мај до 2-ри јуни оваа година ќе се одржи во Охрид, Секторот за внатрешни работи Охрид, веќе ги презема и реализира неопходните оперативно-тактички мерки со цел безбедно одвивање на планираните средби и програмските активности.

Безбедносните мерки, СВР Охрид ги презема и во врска со 10-та конференција на претседателите на парламентите во процесот на соработка во југоисточна Европа, што ќе се одржи од 26-ти до 28-ми овој месец како и во однос на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на процесот на соработка во југоисточна Европа предвиден за 30-ти и 31-ви овој месец. Мерките првенствено ќе бидат насочени кон оперативно покривање, сообраќајно и физичко и обезбедување на објектите и просторот за време на посетата на  високите делагации и ќе бидат во функција на непречено одвивање на овие значајни  средби.

Во контекст на натамошно одржување на стабилна и поволна безбедносна состојба на подрачјето а заради безбедно движење на делегациите и возилата под придружба, на одредени патни правци и сообраќајници, привремено ќе биде ограничено движењето на моторни и друг вид на возила со физичко регулирање на сообраќајот.

СВР Охрид ги интензивира мерките за сообраќајно обезбедување кои се одвиваат со писмени предупредувања на сите паркирани патнички и други моторни возила по должината на Булеварот „Туристичка“ но и во стариот дел од градот, каде делегациите ќе посетат дел од културно-историските знаменитости на град Охрид. На овој но и на неколку други сообакајници, нема да биде дозволено запирање или паркирање на моторни возила. Предвидено е отстранување на неправилно паркирани патнички и друг вид моторни возила како и на оставени предмети од сообраќајните површини. Полициските службеници ќе спроведуваат и другите законски овластувања како дел од севкупните безбедносни мерки на СВР Охрид.

Имајки го во вид исклучителното значење овие средби, до граѓаните апелираме на исклучива нужност во користењето на сопствените патнички и други моторни возила.