Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција истакна дека Владата на Република Македонија е стратешки насочена кон спроведување на континуирани реформи, мерки и активности чија цел е подобрување и унапредување на бизнис климата и деловното опкружување во нашата земја.
Со цел обезбедување на поквалитетна заштита на интересите на правните лица, на друштвата и претпријатијата, и унапредување на правата на лицата во нив и акционерите, а со цел и поттикнување на акционерскиот активизам, Владата се одлучи да предложи дополнувања на Кривичниот законик, со кои што дополнувања се дава едно повисоко ниво на правна заштита на самото правно лице и трговско друштво, на неговиот имот .и на имотот на лицата во него или пак акционерите.
Имено, Владата усвои Предлог закон за измена и дополнување на Кривичниот законик, кој е веќе испратен во Собранието на усвојување во соодветна постапка. Се работи за вградување во Кривичниот законик на ново предвидено кривично дело со наслов Злоупотреба при склучување договор меѓу заинтересирани страни.
Во членот кој се предлага, во ставот 1, се предвидува дека одговорно лице во правно лице, кое свесно ќе склучи договор како заинтересирана страна спротивно на законските прописи за склучување таков договор, и со тоа ќе предизвика значителна имотна штета за правното лице или за трети лица, или значителна имотна корист за правното лице или за трети лица ќе се казни со парична казна и затвор од шест месеци до три години.
Ако пак со делото од овој став 1, сторителот прибавил за себе или за друг поголема имотна корист или за правното лице предизвикал имотна штета од големи размери, ќе се казни со парична казна и казна затвор од една до пет години.
За делото од ставот 1 правното лице кое остварило имотна корист ќе се казни со парична казна.
На овој начин се остварува двострана заштита. Се санкционира делување на одговорното лице на штета на имотот и интересите правното лице, со што би се направила и нанела штета на истите во претпоставена ситуација, но и се санкционира однесување кое значи придобивка за едно правно лице ако со противзаконско однесување на одговорно лице во тоа правно лице се наштетува на имотот и интересите на друго правно лице. Со вака предвидена норма се обезбедува посигурен и попредвидлив поредок и деловно опкружување.
Овој член дава кривично правна заштита, но и предвидува кривично правна санкција и за непочитување на одредбите од Законот за трговски друштва и Законот за хартии од вредност кои пропишуваат дека органите на друштвото пред да донесат одлука за одобрување на зделка со заинтересирана страна, и тоа во случај кога трансакциите односно зделката надминуваат 10% од активата на акционерските друштва, мора да прибават мислење од овластен ревизор и тоа од регистарот на овластени ревизори кој го води Комисијата за хартии од вредност. Доколку органите на друштвото не ги испочитуваат овие одредби ќе бидат третирани согласно овој ново предвиден член од Кривичниот законик по неговото усвојување.
Но, исто така, овој ново предвиден член од Кривичниот законик ќе важи и за третирање и санкционирање на сите делувања и однесувања на одговорните лица во правното лице, со кои што делувања и однесувања спротивно од законот ќе се наштети на интересите на правното лице, друштвото, и трети страни, но и на други правни лица и друштва и страни кои доаѓаат во корелација, за што ќе одлучува судот во соодветна процедура, ценејќи ги фактите, доказите и аргументите во конкретна ситуација.
Очекуваме дека со овие измени и дополнувања ќе се придонесе кон подобра заштита на интересите и имотот на правните лица, ќе се подобри стопанската дејност, ќе се обезбеди поголема правичност, и мотивација за активирање во бизнис секторот, и дека со овој чекор ќе биде препознаен од меѓународните институции и организации како чекор за подобрување на бизнис климата и ќе резултира со позитивно вреднување на Република Македонија пред тие меѓународни институции и организации.