Спречен обид за нелегално внесување на 54 илјади швајцарски франци

Царинските службеници на Аеродромот Александар Велики во Скопје вчера (30.05.2013 г.) спречија обид за нелегално внесување на 54 илјади швајцарски франци.

Околу 16 часот, на аеродромот Александар Велики со лет од Швајцарија пристигна македонски државјанин од с. Боговиње, тетовско. Патникот, иако помина на зелен канал каде што поминуваат патници кои што немаат ништо за пријавување, беше селектиран за детална контрола. Притоа, кај него се пронајдени 66 илјади швајцарски франци.

Законот за девизно работење предвидува дека резиденти можат слободно да внесат девизни средства во противвредност на 10 илјади евра, па според тоа, 12 илјади франци му се вратени, додека останатите 54 илјади се одземени.

Против лицето е поведена прекршочна постапка, а девизите се привремено одземени.