Компјутерска анализа на динамиката на микротубулите за персонализирана хемотерапија

Во амфитеатарот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” од Охрид, денес се одража предавање на тема „Kомпјутерска анализа на динамиката на микротубулите за персонализирана хемотерапија”  од страна на проф. д-р Александре Матов,  научен истражувач од лабораторијата на проф. Параскеви Џанакаку од Weill Cornell Medical College при Cornell University од Њу Јорк, САД,  исто така и насловен доцент во областа Биотехнологија при Универзитетот.

На ова предавање се презентираше проектот за развој на компјутерски базиран алгоритам кој што со висока точност детектира циркулирачки малигни клетки во крвта на пациентите заболени од рак. Истражувачкиот проект цели и кон создавање на персонализирана терапија за пациенти на кои им е дијагностициран рак на простатата и градите. 

Проф. Матов ја објасни оптимизацијата на алгоритам за следење на активноста на малигните клетки во зависност од лековите кои се употребуваат, при што главната цел е да се создаде ефективна хемотерапија која може да спаси многу животи.

„Соработката меѓу УИНТ и Weill Cornell Medical College е во рамките на активностите за засилување на меѓународната соработка и научно-истражувачките активности што би резултирало со повеќе научни трудови во реномирани списанија и симпозиуми. Cornell, член на Ivy League е еден од најдобрите Универзитети во светот и тоа претставува  дополнителна мотивација за нас. Овој заеднички проект е уште еден показател дека знаењата и резултатите од информатичките науки и технологии можат да бидат применети во многу други дисциплини. Тоа ќе креира дополнително знаење и идеи за иновативни решенија кои покрај научно ќе имаат и економско влијание во општеството“, изјави Нинослав Марина, Ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид.

Научно-истражувачките проекти и соработката со реномирани меѓународни високо образовни институции е приоритетен пристап на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ како при едукација на студентите така и при професионална надградба на академскиот кадар на УИНТ.

informaticki2