Во организација на Црвен крст Охрид, на 08.06.2013 г. (сабота) во Охрид ќе се одржи хуманитарно-спортско рекреативна акција “За посреќно детство”.
Целта на оваа акција е промовирање на спортскиот дух меѓу младите преку нивно учество во различни спортско-рекреативни содржини, како и подигање на свеста кај нашите сограѓани за солидарност, хуманост и пружање на потребната помош на оние кои се соочуваат со социјални или здравствени потешкотии.
Средствата собрани од оваа акција со продажба на учесничките броеви (1 учеснички број = 30 ден.) и со обезбедување на прилози од спонзори и донатори, наменети се за помош на децата од социјално загрозени семејства од Охрид и Дебарца. Секој купен учеснички број учествува во големата наградна игра со преку 100 вредни награди (седум дневно зимување на Златибор, 5 дневен престој во Крагујевац, викенд во Крушево, велосипед, ДВД плеер, компјутерска галантерија, едукативни курсеви и др.), кои ќе бидат јавно извлекувани на локалната телевизија ТВМ на 15 јуни во 18 ч.
Манифестацијата ќе започне со „главна трка” со старт од плоштадот „Чинар”, и цел на градскиот плоштад „Климент Охридски”. На терасата на комплексот Летница, паркот пред Охридско лето, на просторот пред Центарот за култура „Григор Прличев” и на Градскиот плоштад „Климент Охридски” од 11:00 – 14:00 ч. ќе се одвиваат спортско-рекреативни натпревари и културно-забавни содржини во кое ќе учествуваат младите од нашиот град. И ова година партнерот во реализација на ова манифестација, Стоматолошкиот центар Д-р Баткоски за посетителите подготви голем број изненадувања и награди.