Кривична пријава против управителката и концесионерот на паркинзите

Секторот за внатрешни работи Охрид, против М.М.(32) од Охрид и против правното лице радио такси „Сузуки МТ“ поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Узурпација на недвижности“.

Пријавената М.М во својство на управител на „Сузуки МТ“, на шести овој месец со претходна намера зазела туѓа недвижност што со пропис односно одлука на советот на општина Охрид е прогласена за јавен паркинг во сопственост на општината и претставува имот во општа употреба. 

И покрај известувањето од градоначалникот на општина Охрид за раскинување на договорот за закуп на паркинг просторот уредно доставено до правното лице „Сузуки МТ“, пријавената управителка ангажирала вкупно десет вработени како наплатувачи на паркинг просторите во централното градско подрачје, ги опремила со девет фискални апарати и ги испратила на работни места со цел да наплатуваат паркинг на улиците во центарот на градот. Иако на правното лице „Сузуки МТ“ му било одземено правото за стопанисување со паркинг просторите, управителката М.М. во времето од 08 часот и 30 минути до 14 часот и 30 минути  ангажирала десет наплатувачи на пакингзите низ градот.

Со тоа, пријавената М.М. за себе односно за правното лице „Сузуки МТ“ во гореспоменатото работно време прибавила противправна материјална корист од вкупно 11.450,оо денари.