Македонија и Русија заеднички против трговијата со дрога

На маргините од годинашнава 30-та конференција на глобалната асоцијација ИДЕК за борба против трговијата со дрога што се одржува во Москва, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и првиот човек на руската Федерална служба за контрола на наркотици Виктор Иванов го парафираа заедничкиот План на двете институции во поглед на борбата против недозволената трговија со дрога за наредниот тригодишен период (2013/2015 година).

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, Планот за заеднички активности, потпишан врз основа на постоечкиот Договор за соработка во областа на недозволената трговија со дрога меѓу македонското МВР и Руската федерална служба за контрола на наркотици од август 2011 година, предвидува во наредниот тригодишен период низа мерки и активности на надлежните служби на двете институции со цел не само да се интензивира меѓусебната соработка туку таа да се ефектуира по однос на борбата против трговијата со дрога. Со Планот меѓу другото, се предвидува развивање на механизми за размена на оперативни информации околу повеќе аспкети од недозволената трговија со дрога, како и механизми за конкретно учество во заеднички полициски операции за сузбивање на трговијата со дрога, прекурсори и други психотропни супстанции.

Исто така, со Планот за заеднички активности се предвидува и размена на едукативни и технички информации во насока на организациска и професионална надградба на надлежните служби, вклучително и организирање заеднички семинари и обуки. 

На годинашнава конференција на ИДЕК, којшто е проект на американската агенција за борба против дрогата – ДЕА формиран во 1983 година, а во кој партиципираат стотина земји во светот, беа разгледувани повеќе теми околу новите трендови во областа на недозволената трговија со дрога, како и анализи на состојбите со овој глобален проблем.