Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денес го посети СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ по повод почетокот на државната матура. Министерот им посака успех на сите матуранти кои полагаат државна матура која е услов за упис на високообразовните институции и изјави дека целиот процес почна точно време во сите средни училишта во државата и дека се одвива без никакви проблеми.
„Навреме беше доставен материјалот иако, за разлика од претходно, одлучивме еден час пред полагањето да биде дистрибуиран. На тој начин ќе обезбедиме квалитет и ќе ги намалиме сите шпекулации дека има извесни пробивања или злоупотреба на тестовите за државна матура“, изјави министерот Ристовски.
Денеска во сите средни училишта се полагаше првиот, задолжителен предмет од државната матура, односно мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература. Во вторник на 11 јуни ќе се полага изборниот предмет, односно математика основно или напредно ниво или странски јазик и филозофија или естетика за учениците од уметничките училишта. Денешното тестирање го следеа околу 2 000 тестатори и над 300 набљудувачи.