Растот на индустриското производство во Македонија не е изненадување, но сепак треба да бидеме внимателни, бидејќи не се работи за некој раст што укажува дека кризата е завршена зашто таа во голема мера ќе зависи од екстерната побарувачка.
Ова го изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во одговор на новинарско прашање на одбележувањето на Светскиот ден на акредитацијата и десетгодишнината од постоењето на Институтот за акредитација на Република Македонија.
„Благото покачување на индустриското производство е резултат на големиот број проекти кои помагаат во работењето на фирмите и на работата на самите компании. Таков е и денешниот настан на кој ќе бидат доделени сертификати за акредитација на преку 20 институции. Овие напори се во насока на подобрување на бизнис климата и овозможување на домашните компании своите производи и услуги да ги акредитираат во Македонија и понатаму да бидат рамноправно третирани од сите институции во Европа и во светот“, изјави Пешевски.
Тој посочи дека Владата прави се што може за да им помогне на домашните компании со што е можно помали трошоци и административни бариери во земјата и во странство да настапуваат во бизнисот, но оти не може да влијае на екстерната побарувачка.
„Кризата се уште не е надмината и сите досегашни проекции до кога ќе трае на еден начин се пролонгираат. Важно е дека во Македонија споредбено со останатите држави во регионот тенденциите се нешто поповолни и сите меѓународни финансиски институции кажуваат дека релативно добро се справуваме со кризата. Сепак, треба да бидеме внимателни иако очекуваме позитивни трендови“, нагласи вицепремиерот Пешевски.