Јаневски: Оптимизам пред натпревар секогаш постои

На стадионот „Улевал“ во Осло, во вторник, 11 јуни, репрезентациите на Македонија и Норвешка ќе одиграат контролен натпревар. По првиот одработен тренинг на норвешка почва селекторот Чедомир Јаневски и репрезентативците гледаат позитивно. Предводникот на „рисовите“ смета дека дуелот ќе биде показател за потенцијалот на овој состав во кои недостасуваат Пандев, Новевски, Шиков, Ибраими, Георгиевски, Тасевски, Ристовски, Трајковски.

„Некои од натпреварите ги одигравме одлично, некои помалку квалитетно, но тоа е нормално за млади играчи кои сега ги имаме во репрезентацијата. Остануваме на целта која ја имаме пред секој натпревар. Оптимизам пред натпревар секогаш постои. Најважно е да создадеме квалитетни играчи за А репрезентацијата , но и да се обидеме да оствариме позитивен резултат. Норвешка е квалитетен противник и овој дуел ќе биде одличен показател колку потенцијалот на овој состав е доволен за големи натпревари. Во составот имаме големи промени и не очекувам дека веднаш ќе добиеме автоматизам во играта, но одговорноста останува. Почетокот од пресметката за нас е многу важен. Ќе се обидеме да не ги повториме грешките кои ни се случуваа во првото полувреме од дуелот против Шведска. Секој репрезентативец работи напорно, тренинзите ги одработуваме според предвиденото, сите се здрави, подготвени да ја искористат својата шанса  и мислам дека ќе се прикажеме во добро издание. Во спортот никогаш не можете со сигурност да предвидите што точно ќе се случи, фудбалот е таква игра и лесно може се да се сврти во правец кои едните или другите не го предвидувале. Во составот ни недостасуваат неколку важни фудбалери, можеби не изгледаме доволно компактни или го немаме потребниот автоматизам, но работиме за да ја оствариме целта. Да изразиме задоволство од постигнатото и да знаеме кои се играчите кои можат вистински да помогнат во квалификациските натпревари“, изјави селекторот Чедомир Јаневски.

Во квалификациите за пласман на СП во Јужна Африка, Македонија во Осло загуби со 2:1, Бобан Грнчаров го постигна единствениот погодок за нашата селекција. Еден од најдобрите дефанзивци вели дека репрезентацијата мора да се обиде да функционира како колектив. Фудбалерот на Ботев смета дека сите се желни за докажување.

„Сезоната беше напорна, но без оглед на се имаме доволно сила и мотив да се прикажеме во позитивно издание против Норвешка. Промените во тимот, отсуството на неколку стандардни фудбалери можеби даваат слика дека шансите за позитивен резултат се мали, но сите сме мотивирани да го потврдиме спротивното, да се обидеме да функционираме како колектив и да го постигнеме резултатот кои ќе не направи горди на себе и задоволни пред тие кои ни дале шанса за настап. Се надевам дека без оглед на тоа кои ќе истрча на терен работата ќе ја завршиме на вистински начин, посебно во дефанзивната линија. Сите се желни за докажување, тоа зборува дека сме на добар правец“, изјави Бобан Грнчаров.