Градоначалникот Бакрачески учествуваше на регионалната конференција на Ротари Интернационал

Градоначалникот Никола Бакрачески вчера учествуваше на регионалната конференција, „Иднината на регионот“, во организација на Ротари Интернационал и Ротари клубовите од Македонија. Градоначалникот Бакрачески, кој воедно е и член на Ротари клубот Охрид, во своето обраќање пред високите гости, истакна дека Ротаријанците го избрале  вистинското место каде ќе разговараат на тема „Иднината на регионот“.

„Токму во Охрид се испреплетувала судбината на различни цивилизации и култури, судбината на поединци кои оставиле траен и универзален белег во духовното наследство на човештвото. Овде е втемелен аманетот на Св.Наум дека на болните им се помага во исцелувањето, аманетот на Св.Климент дека  неуките се подучуваат на писмо, аманетот на Христо Узунов дека најголема чест е да му служиш на својот народ. Многу ротаријански принципи се вгнездиле во колективното памтење на ова тло, многу време пред да се роди Ротаријанството“, – истакна во своето поздравно обраќање градоначалникот Бакрачески. 

Во работата на конференцијата како ротаријанци, учествуваат и поранешнот амбасадор на САД во Македонија, Кристофер Хил и Ерхард Бусек, поранешен координатор на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.

Конференцијата завршува денес, со разгледување на културно-историските знаменитости на Охрид.