Секторот за внатрешни работи Охрид, против С.Д.(46) од Охрид поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Загрозување на сигурноста“. Истражен судија при основниот суд во Охрид му одреди мерка притвор во траење од осум дена.
Пријавениот, на 17-ти овој месец преку возач вработен во локалната самоуправа, упатил сериозни заканителни и навредливи зборови кон актуелниот градоначалник на Охрид. Заканите С.Д. ги упатил откако на мобилен телефон му се јавил на вработен возач во локалната самоуправа при што од него добил одговор дека со заканите ќе го запознае градоначалникот. На тоа пријавениот потенцирал дека заканителните зборови најбрзо треба да му бидат пренесени на градоначалникот. Следниот ден, пред зградата на општина Охрид пријавениот С.Д. го пресретнал возачот во локалната самоуправа и притоа го прашал дали на градоначалникот му ги пренесол информациите. На тоа тој добил потврден одговор.
На 13-ти овој месец околу 12 часот, пријавениот С.Д. влегол во канцеларија на друг вработен во општината и од него побарал да го запознае градоначалникот со неговото барање за исплата на пари кои тој ги побарувал од локалната самоуправа за извршени работи во времето на претходниот градоначалник. И во таа прилика, пријавениот манифестирал недолично однесување и видно револтиран до градоначалникот упатил сериозни закани и навредливи зборови.
Инаку, против пријавениот С.Д. СВР Охрид и досега има поднесувано кривични пријави по повеќе законски основи.