Традиционалната манифестација која неколку години наназад ја негуваат трите крајезерски града: Охрид, Струга и Поградец и која традиционално се одржува на 21 Јуни насловена како „Денот на езерото“ годинава ја организира локалната самоуправа од Охрид.
„Свечената програма ќе започне вечерва со Воениот оркестар на АРМ кој во19 часот „Кај Чинарот“ ќе настапи со промотивен концерт. Со овој промотивен концерт на Воениот оркестар во Охрид, АРМ ја продолжува реализацијата на проектот за интензивирање на соработката со Локалната Самоуправа во Република Македонија, чија основна цел е низ дружење Армијата да се доближи до граѓаните со што ќе се зајакне и цивилно-воената соработка и во градовите каде АРМ нема гарнизони“, – истакна Ѓоко Апостолов, претставник на Секторот за туризам и локален економски развој.
На 21 Јуни, со почеток во 11 часот на Градскиот Плоштад во Охрид манифестацијата по повод „Денот на Охридското Езеро” ќе биде отворена од страна на Градоначалниците на Охрид, Струга и Поградец.
Под мотото „Заобиколи го езерото – почитувај го езерото“, велосипедскиот клуб „Екодром“ од Охрид традиционално го организира рекреативниот велосипедски маратон околу Охридското езеро.
Присутните гости и граѓани ќе имаат можност да ги проследат староградските песни во изведба на КУД при Здружението на пензионери за Охрид и Дебарца, играорната група од општината Поградец, да уживаат во звуците на групата „Чардак“ и да ги разгледаат штандовите на кои туристичките работници ќе ги презентираат своите понуди.