Градоначалникот Бакрачески оствари средби со амбасадорите на Турција и Франција

Воспоставувањето на блиски релации на соработка и продлабочување на економските и културните односи со Р.Турција и Р.Франција, беа главните теми во разговорите кои денес ги оствари Градоначалникот Никола Бакрачески во Амбасадата на Р.Турција и Амбасадата на Р.Франција во Скопје.

На разговорите со Амбасадорот на Р. Турција, Н.Е Gurol Sokmensuer, беше потенциран интересот кој го пројавуваат инвеститорите од Турција, кои изминатиот период остварија контакти со општинските служби и со Градоначалникот Бакрачески, за инвестирање и проширување на својот бизнис во Охрид. Истовремено, беше искажана неопходноста од зголемување на обемот на авио сообраќај од Турција кон Охрид и отворање на нови редовни и чартер летови до охридското воздушно пристаниште. Како израз на настојувањата на Градоначалникот Бакрачески за приближување на Охрид кон светските економски и туристички дестинации, беше побарана дирекна подршка од амбасадата на Турција, за воспоставување редовни авио линии од Истанбул до Охрид и обратно, кои ќе овозможат врзани летови кон други европски и светски дестинации. Тоа ќе донесе забрзување на процесот за подобрување на условите, кои во иднина ќе ги унапредат економските релации на Охрид со светските економски, финансиски и туристички центри.

Средбата со Амбасадорот на Франција, Н.Е Laurence Auer, беше искористена уште еднаш да се истакне одличната соработка на културен план, кој Франција ги има со општина Охрид. Престојниот Фестивал на Францускиот филм кој од 28 до 30 јуни се оддржува во нашиот град, претставува континуитет на присутноста на француската култура во Охрид. Од страна на Градоначалникот Бакрачески беше инсистирано, од идната година, церемонијата на свечено отварање на овој престижен филмски фестивал, повторно да се врати во Охрид. Исто така, на средбата се разговараше за техничка поддршка од страна на Франција за Н.У Дом на култура од Охрид, односно техничко доопремување со професионална дигитална техника за проекција на филмовите, што е еден од условите за издигнување на овој фестивал на високо европско и светско рамниште.

Натамошните чекори ќе бидат насочени кон културното претставување на Охрид во Франција, во оние средини кои недоволно се запознати со македонските и посебно охридските културни вредности. Охрид има воспоставено блиски партнерски односи со градот Каен-Долна Нормандија, кој ќе биде база од каде во иднина организирано ќе се приближува Охрид и Р.Македонија до граѓаните на Р.Франција.