По почетните две победи во Мерсин, кошаркарската репрезентација на Македонија го забележа и третиот пораз по ред, со што остана без медал на Медитеранските игри. Во изедначениот натпревар против Тунис, избраниците на Марјан Србиновски загубија со 63-58 и го завршија дебитантскиот настап на ова натпреварување на четвртото место во конкуренција на седум селекции.
Александар Костоски со четири поени во низа добро го отвори натпреварот, но следуваше подолг период со слаба игра во напад која селекцијата на Тунис знаеше да ја искористи за прво поопипливо водство. Сепак, во втората половина од првата четвртина, две тројки во серија постигна Марко Симоновски, една додаде и Брчков и Македонија успеа да го изедначи резултатот. Со цврста одбрана во втората четвртина и неколку реализирани контра-напади, Македонија одржуваше благо едноцифрено водство, сепак Тунис предводен од Меџри успеваше да задржи резултатска неизвесност, па на полувреме се замина со резултат од 31-29 за нашите кошаркари.
Слабо почнаа избраниците на Марјан Србиновски во второто полувреме, пред се во нападот и постигнувајќи само два поени во првите нешто помалку од 6 минути, дозволија Тунис да ја превземе контролата врз натпреварот. Горјан Марковски, кој инаку одигра солиден натпревар, ја прекина серијата на противникот со тројка, но Тунис влезе во последните 10 минути од мечот со предност од 48-42. Дарко Соколов ја превзема одговорноста на почетокот на последниот период со четири постигнати поени во низа, сепак следуваа неколку промашени шутеви од далечина и Тунис се одржуваше на преку пет поени разлика. Бојан Трајковски имаше неколку впечатливи игри во напад во завршницата, но сето тоа беше премалку за пресврт и Тунис го задржа водството за триумф од 63-58 и бронза на Медитеранските игри.
Бојан Трајковски со 16 поени беше најдобар стрелец во нашиот тим, во кој со двоцифрен број на поени заврши и Марко Симоновски (13 поени). Уште во листата на стрелци се запишаа и Костоски, Марковски, Аврамовски, Брчков и Соколов. Кај Тунис, очекувано Меџри и Бен Ромдане беа најефикасни со искомбинирани 32 поени.
Оваа средба беше последна за кошаркарската репрезентација на Медитеранските игри во Мерсин. Тимот на Марјан Србиновски со вкупно две победи од пет средби го заврши деби настапот на Игрите на четвртата позиција во конкуренција на седум репрезентации. Вечерва од 18.30 часот ќе се одигра и финалето во кое ќе се сретнат Турција и Србија.