Економскиот тим на Владата на Република Македонија предводен од премиерот г-дин Никола Груевски, заменик претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Владимир Пешевски, министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции г-дин Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, г-дин Виктор Мизо денеска присуствуваше и се обрати на бизнис форум во Калининград кој се одржа во организација на Стопанската комора на Калининград и Асоцијацијата на инвеститори на Калининград, а на кој учествуваа претставници на компании од областа на производството, туризмот и земјоделството.
Калининград е регион од Руската Федерација кој има интензивен и динамичен економски развој кој, меѓу другото, се должи и на статусот на своевидна слободна економска зона.
Премиерот Груевски во своето обраќање ги повика калининградските и руските инвеститори да ја посетат Македонија и изворно да се запознаат со условите кои им стојат на располагање и поволностите за инвестиции. Премиерот посочи дека Русија е значаен економски партнер на Македонија и нашата економска соработка и размена се зголемува неколкукратно во изминатите десетина години, и овие бизнис форуми се добра можност да се создадат нови контакти кои дополнително ќе придонесат за продлабочување на односите.
„Македонија ги укина визите за руските граѓани и може да дојдете во Македонија за да се уверите на дело во нашите поволности. Во Македонија има руски инвестиции како што се Протект груп, Солвеј груп, Лукоил, Гришко и од нив може да добиете потврда за можностите за водење на успешен бизнис во нашата земја“, истакна пред присутните премиерот Груевски.
„Kако резултат на реформите за унапредување на бизнис климата Република Македонија е на листата на респектабилната Светска Банка каде за 6 години напредуваше од 94 на 23 место, а Прајсвотерхаус Купер ја прогласи нашата земја за 24 – та најпријателска земја во светот за бизнисмените во однос на фискалната политика и даночната политика, што е доказ за соодветната бизнис клима во која Владата и институциите се спремни да придонесат и да излезат во пресрет на инвеститорите“, изјави Никола Груевски во обраќањето пред присутните во Калининград.
Претседателот на Асоцијацијата на инвеститорите на Калининград, г-дин Стефан Влаховиќ ги охрабри бизнисмените да ги истражат можностите кои се презентираат и кои постојат во Македонија. Присуството на руски бизнисмени во Македонија е доказ за отвореноста и добрата бизнис атмосфера. Македонија и Калининградската област може да воспостават поконкретни односи и на полето на инвестициите и на полето на трговијата со производи.
Потпретседателот Пешевски се осврна на можностите за развој и продлабочување на соработката во туризмот.
„Ние даваме субвенции за привлекување на туристи од Русија што ги прави аранжманите поконкурентни и поприфатливи за руските туристи и тоа е добра шанса за калининградските туристички агенции која може да придонесе за зголемување на нивниот бизнис“ истакна Пешевски.
Министерот Бил Павлески ги претстави можностите за инвестиции во земјоделството и во производството. Министерот Павлески истакна дека ова се сфери каде Владата вложува исклучително многу во јакнење на потенцијалите за инвестиции кои ќе донесат побрз развој.
„Поддршката која ја дава Владата за производство и пласман на земјоделските производи создава квалитет кој е препознатлив бренд за Македонија“, истакна Павлески.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо се задржа на поволностите за инвестирање во технолошко индустриските зони акцентирајќи ги погодностите во даночната сфера кои им стојат на располагање на инвеститорите како и низата други мерки кои ги презема Владата на тој план.