Втора година со ред, а по повод крајот на учебната година, наставниците од Лескоец, синдикално се организираат и реализираат голем број натпреварувања, во т.н. синдикални спортски игри. Оваа година, иако презафатени со екстерното оценување и електронскиот дневник, сепак тие – наставницитe од Лескоец најдоа време да се опуштат и да го посветат овој дваесетишести јунски ден на спортот: на пикадото, хула-хопот, брзото одење, одбојката, тенисот, возењето на педалиники, трчањето во вода и на шахот.
Подготовките за игрите започнаа рано изутрината, со составување на екипи и пријавување на учесници за игрите, а особено интересен дел беше и утринскиот „Молитвен Појадок за Победа“ во кој со топли банички од пекарата „Мартина“ и со јогурт од „Дон маркетите“ сите учесници си посакаа фер-игра и секако победа за себе во разните екипни и поединечни натпревари.
Натпреварувачки, денот започна во 9 часот со претходно составена агенда.
Сувоземните игри се одиграа во дворот и во игралиштето на училиштето „Ванчо Николески“ во Лескоец, каде што на победниците им беа доделени наградите кои беа спонзорирани од благородните добротвори: Супермаркет „Гобекс“, АД „Лихнида“, Продавници „Тренд“, детскиот центар „Дамбо“, бутикот „Јагода“, стовариштето „Гумно“ од Лескоец, продавницата „Се до 99“, фирмата „Филипоски“ од Лескоец, пекарата „Мартина“ од Охрид, земјоделската аптека „Агронова 91“ и други кои со своите производи и услуги ги направија синдикалните игри побогати и поинтересни.
Водниот дел или синдикалните спортски игри на вода продолжија и се префрлија на брегот на Охридското Езеро, каде се одржаа натпревари во трчање во вода и атрактивното возење на педалинки кое имаше и свои посебни убавини. Секако, пливањето и водените лудории беа составен дел од овие водени игри.
Како вистински шлаг на убаво организираниот и поминат ден беше и специјално направената голема, убава и мошне вкусна торта од слаткарницата „Гордана“ со синдикалното и логото на веќе традиционалните синдикални игри на СОНК во Лескоец, кои траеја до 16 часот, на задоволство на сите учесници, кои пак до година ќе тежнеат да организираат и регионални, а зошто да не и синдикални игри и натпреварувања на повисоко национално ниво. Денешниов ден ќе биде запаметен како ден на опуштање по напорната административно-педагошка работа со екстерното оценување и особено со понапрегнатата и мачна комуникација со електронскиот дневник.
Убавините на еден ден зависат од нас самите, а спортот и спортските натпреварувања се одлична можност за емитирање и споделување на позитивна енергија и опуштање.
Фотографиите кои ги овековечија веселите и среќни лица на наставниците и на другите членови на СОНК доволно ќе зборуваат за одлично организираните и богатоспонзорирани спортски игри, за што особено се погрижи и придонесе лидерот на синдикалната организација на СОНК од училиштето „Ванчо Николески“ во Лескоец.
Фото: ДИМ ДОН