Клима само доколку е навистина неопходно

За време на летните горештини нашата терморегулација е нарушена, а зголеменото потење и субјективното чувство на топлина го отежнуваат секојдневното функционирање. Разладување со сите средства може повеќе да штети отколку да има корист, а според лекарите тоа најчесто се однесува на неправилното користење на клима-уредите.

Нашите сограѓани сакаат нагло да се разладат, и наместо да користат умерени услови на терморегулација, тие ги вклучуваат клима-уредите и кога не е потребно. Па според тоа, нарушувањето на терморегулацијата може најчесто да предизвика настинка или летни вирусни заболувања на респираторниот систем. Наглото разладување никако не му одговара на организмот, одредени органи имаат реакција на наглата промена на температурата, пред се во респираторниот систем и периферните крвни садови.

За да го сочуваме нашето здравје, температурата во просторијата треба да биде оптимална за нашиот организам. За лицата кои мируваат оптималната температура е 26,5 °С, додека пак за умерено активните се препорачува температура од 24 до 24,5 °С.

Додека сме во климатизирана просторија треба да се има во предвид да се избегнува директниот ладен бран врз телото. На овие температурни влијанија најмногу треба да внимаваат старите лица, лица со кардиоваскуларни или респираторни болести, деца на предшколска возраст и трудници. Сите тие не треба директно да бидат изложени на разладување, туку тоа да е индиректно и да нема разлика на надворешната и внатрешната температура поголема од 5 °С.