Охридската библиотека ги доби книгите од проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници“

НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид ги известува корисниците на своите услуги, дека ги доби книгите од проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници“ од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија. Овие книги се донација од Владата на Република Македонија. Покрај овие Библиотеката ги доби и книгите од капиталниот проект на Министерството за култура „Ѕвезди на светската книжевност“.

Во петок (5 јули) во просториите на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, со почеток во 19 часот, ќе биде промовирана книгата „Наследниците на Херакле“ од авторката Вања Ангелова, Република Бугарија. Промотори на оваа книга ќе бидат Петко Шипинкароски, писател и Мерсиха Исмајлоска, литературен критичар. Промоцијата ја организираат НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, Здружението „Бран“ и Списанието „Бранувања“ од Струга. Оваа активност Библиотеката ја организира во рамки на манифестацијата „Струшки книжевни средби“ – 2013.