Почнува ЕП до 20 години жени, Македонија стартува против Велика Британија

Денеска со почеток од 19:30 часот по македонско време, Македонската женска репрезентација до 20 години со натпревар против Велика Британија го стартува Европското првенство (Б дивизија) кое се одржува во бугарскиот град Албена до 14 јули.

Избраничките на Александар Домлевски од понеделникот се во Бугарија, каде веќе ги одработија тренизните и последните подготовки пред Првенството. Настапуваат вкупно девет репрезентации, а се игра по лигашки систем, според кој најдобро пласираните три селекции на табелата ќе обезбедат пласман во А-дивизијата. Домлевски во изјавата пред заминувањето за Албена потенцираше дека е задоволен од текот на подготовките, односно од подготвеноста на неговите кошаркарки, верувајќи во добар и успешен настап на Првенството.

Првиот натпревар нашите репрезентативки го играат денеска, а противник е Велика Британија, со која последен пат оваа младинска репрезентација има играно во 2010 година на првенството во Кавадарци. Тогаш Британија победи со минимални 70-69, а дел од нашиот тим беа Митрашиновиќ, Агиќ, Темелкова и Стојановска, кои повторно се во составот и оваа година и се очекува да го предводат тимот. Што се однесува до Велика Британија, станува збор за квалитетен состав со повеќе високи кошаркарки, токму на позициите кои се најдефицитарни во нашиот тим, сепак, брзината, експлозивноста и силниот тимски дух се на страната на нашите девојки, па би можело да се очекува изедначен и резултатски тесен натпревар до самиот крај.

Пред натпреварот помеѓу Македонија и Велика Британија кој ќе се игра во вечерниот термин од 19:30 часот, на денот на отворањето на Првенството ќе играат уште и Чешка – Летонија, Португалија – Израел и Бугарија – Белгија. Според распоредот, Македонија ќе игра уште две средби во наредните два дена и тоа против Израел во петок и Романија во сабота. Недела е слободен ден, а во текот на наредната седмица ќе се доиграат останатите пет натпревари.

За Европското првенство, селекторот Александар Домлевски на располагање ги има следниве кошаркарки: Ива Крстевска, Арин Агиќ, Лефтерија Темелкова, Александра Стојановска, Анжелика Митрашиновиќ, Нена Трајчевска, Софија Лазареска, Драгана Јоловиќ, Александра Иванова, Маја Павловска, Ангела Давиткова и Ивона Пејковска.