Прелиминарни резултати од државната матура

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, на денешната прес конференција со Директорот на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ и Директорот на државниот испитен центар Јусуф Арифи, ги презентираа прелиминарните резултати од државната матура.

„Просечната оценка на постигањата на матурантите за оваа година е 3,18. Кај повеќето предмети има подобрување во постигањата споредбено со минатите години, што е показател за подобрување на основните знаења и адаптирање на стандардите на државната матура“, истакна министерот Ристовски.

Просечната оценка по македонски јазик и литература е 3,44 кај предметот албански јазик и литература е 3,33. Просечна оценка 3,52 е резултатот кој го покажаа учениците кои полагаа турски јазик и литература. И годинава е зголемен бројот на ученици кои го избрале англискиот јазик. Од 15 851, 11.6 % не го положија испитот, а 7,6 % имаат одлична оценка. По предметот француски јазик постигната е просечна оцекна 2,72, германски јазик 3,97, руски јазик 3,53, естетика 3,71 и филозофија со просечна оценка 3, 33.

„Постигањата за математика – основно ниво се најдобри до сега, со просечна оценка 3,38. Компаративно, во 2012 просечната оценка изнесуваше 3,02, додека во 2011 година – 2,94. Сепак, останува загрижувачки податокот што се уште е мал бројот на кандидати кои го одбираат овој предмет. Оваа година 2142 кандидати,  за разлика од 2008 година кога се пријавија 5492 кандидати. Потребна е дополнителна анализа за причините кои доведуваат до ваква појава, односно дали неизбирањето на математиката како предмет се должи на тоа што е тешка наставната програма за учениците или пак, фактор се флексибилните барања на универзитетите. Слична е ситуацијата и кај математика – напредно ниво, каде исто така се забележува пад на бројот на пријавени кандидати кои го полагаат овој испит. Оваа година само 12 пријавени кандидати, со постигната просечна оценка 3,83“, рече Ристовски.

Следниот испитен рок за полагање државна матура е во август. На 13 август ќе се полагаат мајчините јазици, а на 15 август – странски јазици, математика, филозофија и естетика.