Градоначалникот Бакрачески и амбасадорката на Германија Штајнакер потпишаа договор за донација

Амбасадорката на СР Германија, Гудрун Штајнакер и градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, денес потпишаа договор за донација во висина од 516,567.00 денари или 8427 евра .

Со донацијата се финансира комплетна рехабилитација на каптажите на водоводниот систем и стариот збирен резервоар во селото Куратица кои се изградени пред 30 години и чија застареност и нефункционалност предизвикува проблеми во водоснабдувањето на 120 селски домаќинства и представуваат разни опасности од заразни болести и епидемии.

Германската поддршка е дел од средствата на Сојузното министерство за економска соработка и развој со кои се финансираат мали проекти во рамките на техничката соработка, кои претставуваат важен инструмент на соработка меѓу С.Р. Германија и Р. Македонија.

Вкупната вредност на проектот изнесува 653,567.00 денари или 10662 евра и истиот е подготвен од Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид и Советот на месната заедница од село Куратица.