Кирил Џајковски ќе настапува на „Love & Happiness“ фестивалот во Градиште

Оваа сезона повторно најатрактивното место на охридската ривиера ќе биде плажата Градиште, особено поради фактот што на овој простор се случуваа најголемите и најзначајните журки изминативе години. Плажата од оваа година работи во ново рубо, со збогатени содржини за релаксација и опуштање на посетителите.

Официјално е потврден долго планираниот настан, со концепт за задоволување на сите музички вкусови, така што кулминација на летото ќе биде в сабота на 27-ми јули, кога на двете плажи во Градиште ќе се одржи добро познатиот „Фестивал на љубов и среќа“.

Како главна ѕвезда ќе настапи македонската атракција, која со неговата енергична музика успеа да направи фузија меѓу етно и денс фановите со феноменалните комбинации на хип-хоп, реге, даб и рок звуци –  Кирил Џајковски придружуван од својот многуброен бенд со настап во живо.

“Особено сме горди на фактот што ова е веќе петто издание на фестивалот. Минатата година под истото име на истото место се одржа овој фестивал и беше дефинитивно најдобриот настан за лето 2012-то привлекувајќи повеќе од 8000 посетители“, вели Зафир Петровски, организатор на фестивалот.

Самиот податок што сите изминати години настаните поминуваат повеќе од успешно, фестивалот полека но сигурно се изгради како манифестација со традиција и постана бренд кој ќе расте и со текот на годините ќе добива се поголема поддршка.

Влезниците во предпродажба во ОНЕ салоните ширум републиката, МК Тикетс дистрибутивната мрежа и Југотон ГТЦ по промотивна цена од 400 денари. Влезниците на врата ќе се продаваат по цена од 500 денари.