Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и новиот извршен директор на Холандска хонституенца на Светската Банка, Франк Химскерк денеска на средба во Владата разговараа за можностите за соработка на идни проекти помеѓу СБ и Република Македонија.
Двајцата соговорници изразија задоволство за досегашната плодна соработка и подготвеност за нејзино продлабочување и зголемување на бројот на заеднички активности и проекти во Република Македонија, соопшти по средбата кабинетот на вицепремиерот.
Пред претставникот на СБ, Пешевски ги претставил актуелната политичка и економска состојба, активностите и мерките кои ги презема Владата за подобрување на животниот стандард на населението, како и мерките и проектите за зголемување на вработеноста и активностите за зголемување на економскиот развој на Македонија.
Владата, истакнал вицепремиерот, како и досега, ќе продолжи, и покрај непредвидливите динамични влијанија од надвор, посветено да работи и да ја развива и подобрува законската регулатива што треба да овозможи побрз и одржлив економски раст и подобар и поквалитетен живот во Република Македонија.
На средбата, се вели во соопштението од кабинетот на заменик-претседателот на Владата, стана збор и за тековните проекти и реформи поддржани од Светска Банка во Македонија во областа на енергетиката, инфраструктурата, животната средина, земјоделието и образованието.
Светска Банка е еден од партнерите на Република Македонија кој постојано придонесува за развој на македонската економија и општеството, преку постојана инвестициска активност и учество во креирање и финансирање на голем број активности и мерки, се вели во соопштението.
За Република Македонија, се додава, особено е значајно тоа што во време на неповолни економски влијанија со кои се соочува Европа, благодарение на добрата соработка со Светка банка, Владата успеа да обезбеди финансиски средства за низа проекти, по поволна кредитна стапка, при што се обезбедува континуитет во подобрување на економијата и бизнис опкружувањето. Во таа насока, се очекува Светска Банка и во иднина да продолжи да ја поддржува македонската Влада, особено за проекти кои се насочени кон унапредување на конкурентноста на македонската економијата и зголемување на нејзиниот раст.