И покрај тоа што избраничките на Александар Домлевски одиграа одличен почеток на Првенството кој ги стави и во позиција да се борат за пласман во А-дивизијата, трите порази во последните три средби го завршија настапот на Македонија на седмата позиција на табелата. Во последниот меч, единствената непоразена селекција, Белгија, славеше против нашите младинки со 79-52.
Немаше посебно резултатско значење натпреварот кој го означи крајот на Европското првенство во Албена, сепак и двете екипи одиграа брз и атрактивен натпревар, на кој Белгија водеше во целиот тек и заслужено победи на крајот. Со серија од 7-0, Белгијанките во првата четвртина поведоа со 10-2, па иако веднаш по тоа Александра Стојановска врати со тројка, противникот брзо победе со двоцифрена разлика која не ја испушти до крајот. На полувреме Белгија водеше со високи 41-15 по што веќе беше јасно каде ќе оди победата. Се играше изедначена и брза кошарка со многу ротации во второто полувреме, каде Белгија го задржа водството за конечен триумф од 79-52.
Анџелика Митрашиновиќ со 13 поени беше најпрецизна во нашиот тим, додека Лазареска и Стојановска постигнаа по 9 поени. Во листата на стрелци за Македонија се запишаа уште шест кошаркарки: Агиќ (7), Трајчевска (6), Пејковска (2), Давиткова (2), Јоловиќ (2) и Темелкова (2). Кај Белгија, најдобра беше Ванло со 21 поен.
Со три победи и пет порази, Македонија го заврши настапот на ЕП во Бугарија на седмата позиција, сепак останува позитивниот впечаток за напредокот на нашата женска младинска репрезентација, која на два натпревари до крајот беше во изедначена конкуренција за пласман во А-дивизијата. Инаку, во А-дивизијата отпатуваа Белгија, Чешка и Летонија.