Охрид има потенцијал да прерасне во врвен спортско-туристички центар

На иницијатива на раководството на СРЦ „Билјанини Извори“ и на Локалната самоуправа на Охрид, денес беше одржана работна средба со претставниците на спортските федерации на Македонија и со Агенцијата за млади и спорт. Целта на оваа работна средба беше омасовување на спортот во Охрид и развој на спортските клубови и спортските друштва во Охрид и со една координирана акција како со Агенцијата за млади и спорт, така и со спортските федерации на Република Македонија.

„Она што е наша цел како Локална самоуправа и цел на СРЦ „Билјанини Извори“ е да ја дадеме максималната логистичка поддршка за организација на масовни настани на спортот, којшто би се одржувале во Охрид. Секако ќе ја бараме поддршката и од Агенцијата и од спортските федерации за вклучување на што поголем број спортски работници од Охрид во овие тела. Секако ние ќе дадеме поддршка на туристичките работници околу корекција на цените на угостителските услуги за организација на едни вакви спортски настани и во крајна линија ќе побараме и совети, консултации од нивна страна за што помасовно да ги вклучиме младите во спортот во Охрид, а секако и да најдеме можности да спортските друштва и клубови да бидат во рамките на Локалната самоуправа, да бидат успешни во настапите на регионално, републичко ниво, во меѓународни рамки“, – истакна градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески.

На средбата присуствуваа претседателите на највлијателните спортски екипни федерации во Република Македонија, Живко Мукаетов од Ракометната федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски од Фудбалската федерација и Дејан Лекиќ од Кошаркарската федерација на Македонија.

Во име на Агенцијата за млади и спорт, директорот Александар Пујовски го изрази своето задоволство што денеска бил во Охрид токму на оваа средба и му се заблагодари на градоначалникот Бакрачески, како што рече за неговото гостопримство и желбата во периодот кој следи да даде свој придонес во поддршка на програма за развој на спортот во нашата земја донесен од страна на Владата на РМ на почетокот на оваа година, како и го повика градоначалникот Бакрачески за како што кажа  се со цел да го зајакнат партнерството со сите повикани страни заради развој и унапредување на спортот во РМ и во општина Охрид.

Претседателот на фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски  најпрво изрази благодарност до градоначалникот Бакрачески и рече дека Охрид има врвен потенцијал да прерасне во спортско-туристички центар во нашиот регион и пошироко.

„Ние веќе имаме соработка која што во скоро време ќе се реализира со Општина Охрид, општина Охрид е дел од проектот Десет терени со вештачка трева на територијата на цела Македонија и во скоро време Охрид ќе добие терен со вештачка трева со највисоки критериуми и стандарди. Со тоа значително ќе се подобри инафраструктурата, можностите за тренинг на сите спортисти, фудбалери, овде во Охрид. Ќе се стремиме и понатаму да соработуваме  во интерес на македонскиот спорт“. – истакна Ѓорѓиоски.

Претседателот на ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов ја поздрави оваа иницијатива.

„За нас како ракометна федерација е многу важно Охрид да биде вклучен во активностите  кои ракометната федерација ги обавува. Ние значи следната година имаме светско, кадетско женско првенство и една од групите ќе биде тука во Охрид. Во 2015 ќе биде европското кадетско женско првенство во Охрид. Ќе се потрудиме во декември настапот на нашите репрезентативци во Данска да направиме меѓународен турнир, дали ќе успееме ќе видиме, значи да донесеме тука врвни ракометни екипи, тука да биде тој финален сегмент од подготовките за настап на европското првенство“. – истакна Мукаетов.

Генералниот секретар на кошаркарска федерација на Македонија, Дејан Лекиќ се надева дека оваа средба претставува еден нов почеток на нови подобри релации за развивање на спортот, односно на кошарката во Охрид.

„Ние во изминативе години многу често и доаѓавме и се обидувавме да дојдеме овде, да организираме еден дел од многубројните настани што како федерација ги имавме, но ќе бидам искрен немавме конкретна поддршка освен од некои индивидуалци кои денеска се вклучени во спортот, во кошарката. Организиравме неколку првенства овде, но навистина не само од општината буквално немавме никаква помош и поддршка и токму затоа сакам најискрено да се заблагодарам и на градоначалникот и на директорот на Агенцијата за млади и спорт. Ова внимание се надевам  претставува еден нов почеток на развивање на  нови  подобри релации“. – изјави Лекиќ.

WebOhrid