ВМРО-ДПМНЕ: Документот кој го покажа Заев е класичен, груб и смешен фалсификат

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски  поднесе тужба за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда. Зоран Заев на суд ќе треба да си бара оправдувања за своите лаги и конструкции и клевети со кои го клевети во минатите денови дека земал ќеш 1,5 милони евра и разни други измислици, рече на денешаната прес конференција Илија Димовски, член на  ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ и нивниот лидер Зоран Заев дојдоа до дното. СДСМ се служи со фалсификати и лаги за да се спаси од огромниот изборен пораз. Во нивните постапки се гледа само очај, паника, страв, гнев и омраза.Прво што сакаме да истакнеме, т.н. документ кој денес Зоран Заев го покажа е класичен, груб, но и смешен фалисфикат. Тоа лесно се докажува бидејќи партискиот печат кој е искористен на документот е прогласен за неважечки уште во 2004 година. Печатот е пријавен и прогласен за неважечки. До Основниот суд во Скопје на 15.10.2004 година од наша страна е доставен Статутот на ВМРО-ДПМНЕ и опис како ќе изгледа новиот печат. Судското решение е издадено на 02.11.2004 година. Ова е непобитен доказ дека она што Заев го приложува денес не е печатот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е стар печат кој го користело поранешното, старо раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Второ, лицето чие име стои на фалсификуваниот документ е лице за кое во 2007 година е покрената кривична пријава од страна на Министерството за внатрешни работи и е правосилно осудено. Тој со конечна одлука на Врховен суд во 2013 година е осуден на единствена казна затвор од 6 години, дополнително задолжен е на оштетени лица од него да им врати 27 милиони денари. Тој бил правосилно осуден со правосилна одлука на Врховен суд за, внимавајте, фалсификување на документи, за даночно затајување и перење пари. За да биде иронијата поголема, ова лице веќе неколку години е во бегство и не ја отслужува затворската казна.“- истакна Димовски и додаде:

„Значи, Зоран Заев излегува на прес конференција со фалсификуван документ на кој што стои печат кој две години претходно е поништен, во време на расколот, кога истиот исчезна од партијата и со наводна каса-прими на која стои дека е од лице кое во време на ВМРО-ДПМНЕ е осудено од страна на Врховен суд за фалсификување на документи, за даночно затајување и за перење пари и е лице кое е во бегство. Дополнително на наводната каса прими има измислен потпис. СДСМ си прават фалсификати и монтажи и мислат дека некој ќе им поверува. Ги потценуваат граѓаните.Зоран Заев нека продолжи по овој пат на лажење, манипулирање и фалсификување. Тоа за жал говори за него, но добро е граѓаните да видат каков човек е тој и на што се е спремен само и само да се добере до власт и да го покрие сопствениот неуспех и срам.На СДСМ им апелираме да продолжат вака и во следните денови. Ништо да не менуваат. Ќе ја видат пораката и разликата помеѓу нас и нив.“- рече Димовски.