Проширување на акцијата „Фаланга“, МВР поднесе посебен извештај против 4 лица, меѓу кои и Паско Кузман

Министерството за внатрешни работи поднесе посебен извештај против П.К.(65) од Охрид, поради постоење на основано сомневање за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, И.Б.(59) од Скопје за кривично дело „Потикнување“ во врска со истото кривично дело, З.Н.(56) од Куманово и М.П.(49), од Скопје, тројцата вработени во истата управа, за „помагање“ во врска со злоупотребата.

Пријавените со пречекорување на овластувањата и постапувајќи надвор од нивната законска надлежност преку издавање на противзаконска документација преку која барале дополнително и полициска асистенција, со издавање на платни налози и преку други патни трошоци го оштетиле и Буџетот на РМ, односно по основ на дадена асистенција го оштетиле МВР за износ од 1.223.763.50 денари, а по основ на издадени платни налози и други патни трошоци висината на штетата дополнително ќе биде утврдена.

По издадена Судска наредба од Основен Суд Скопје 1 Скопје извршен е увид на одземена документација од Управата за заштита на културното наследство, при што е утврдено  дека првопријавениот, вработен како Директор во Управата за заштита на културното наследство во текот на 2011 година, потикнат со умисла од второпријавениот Раководител на Одделението за превенција на културното наследство во истата Управа, противправно потпишал и издал СОГЛАСНОСТ за изведување на земјени работи со цел проверка на наводи за постоење на културно – историско наследство,  на две локации во Република Македонија и тоа на патниот правец Велешко Езеро – Катланово и Делчево м.в. „Драмски Рид“, со што двајцата пријавени ја загрозиле безбедноста на културното наследство.

Имено, по претходно доставени барања од физички лица за изведување на земјени работи на споменатите локации, од Управата за заштита на културното наследство, биле издадени Согласности (во ноември 2011 година), иако според Законот за заштита на културното наследство, Управата нема законска надлежност, ниту овластувања за нивно издавање, односно истата може да издаде само Дозвола за археолошки истражувања, по претходно обезбедена соодветна документација. Исто така во издадените Согласности не биле наведени точните локации каде требало да се изведуваат ископувањата – координати, надморска височина, пристапи и слични податоци за општата идентификација на наоѓалиштето, катастарска општина (КО), катастарска парцела, катастарска површина, класа и намена на земјиштето, со што би можеле да ја користат Согласноста и на други локалитети.

Инаку, едно од лицата носители на Согласноста било и лице кое осудено на 21.10.2011 во судскиот процес Фаланга, кој факт им бил познат на двајцата првопријавени.

Во врска со издадените Согласности, од страна на Директорот на Управата, третопријавениот инспектор за археолошки наоѓалишта бил определен и вршел археолошки надзор на двете споменати локации, а како лице за оперативно координирање бил назначен второпријавениот, за што не постои никаква документација. Од извршените проверки и увид во документацијата на Управата не е констатиран ниту еден Записник за извршен инспекциски надзор на наведените локалитети или пак било каква фото или техничка документација која морала да се  изготвува при вршење на инспекцискиот односно археолошкиот надзор.

Од Управата за заштита на културното наследство до МВР било доставено барање за полициска асистенција – преземање на превентивни мерки во насока на обезбедување на споменатите локалитетите, а поради сознание дека може да биде пронајдено поголемо количество оружје, како и поради предизвиканиот интерес на повеќе групи т.н. “трагачи на богатства„, која од страна на МВР согласно барањето е извршена.

Од страна на МВР до  Управата за заштита  на културно наследство  доставена е фактурата со вкупно направените трошоци за полициската асистенција за локалитетот Велешко Езеро – Катланово која требало да ја подмират носителите на незаконски издадената Согласност, но истите одбиле со образложение дека асистенцијата била побарана од Управата, без притоа истите да бидат консултирани, односно не сметале дека има подреба од полициска асистенција.

По однос на ископувањето на локалитетот м.в. Драмски рид, од страна на Управата, Согласноста за изведување на земјаните работи е прекината на 16.12.2012 година, со писмено образложение со кое носителот на Согласноста се известува дека се настанати проблеми околу финасиските средства за асистенција, на што истиот реагира и повторно бара Управата да му ја продолжи Согласноста наведувајќи дека недоразбирањата околу асистенцијата се помеѓу МВР и пријавените од Управата.

Од извршените проверки во Управата за заштита на културно наследства  е утврдено дека целокупната документација во однос на издадените согласности се наоѓала кај четвртопријавената, вработена како Советник за безбедност на културното наследство во Одделение за превенција на културното наследство во Управата, наместо во архивата на Управата, со цел останатите вработени да немаат увид во истата, а истото било по  барање на нејзиниот раководител второпријавениот.

Пријавените лица се изведени пред надлежен истражен судија од Основен суд Скопе 1 Скопје заради натамошна постапка. Едно од пријавените лица се наоѓа во притвор во врска со претходно поднесена кривична пријава во мај 2013 година.