Младата охриѓанка Тања Стојановска продолжува да нижи успеси

Изминатиов период, 16-годишната Тања Стојановска од ТК Охрид учествуваше на повеќе турнири во државава и странство, на кои, иако повредена, постигна забележителни резултати.

На Отвореното тениско првенство на Македонија до 18 години во ТК “Ас Плус“ (08 – 10 Јуни) го освои првото место.

На Државното тениско првенство на Македонија до 18 години во ТК “Југ“ во Скопје (14 – 16 Јуни) го освои второто место.

Овој месец учествуваше и на 2 ИТФ Јуниор турнири за млади тенисери до 18 години од цел свет во соседна Грција. На обата турнири, на Крф (01 – 07 Јули) и во Превеза (08 – 14 Јули) стигна до осминафиналето во сингл конкуренција, а на турнирот во Превеза, заедно со партнерката Елпида Маламоу од Грција играше во финалето.

Од 22 – 28 Јули треба да ја претставува Македонија на Европското Првенство за јуниори до 18 години во Клостерс, Швајцарија.

Овие резултати Тања Стојановска ги постигнува, и покрај тоа што годинава влече хронична повреда, а исто така, проблем е и што не добива никаква финансиска помош од институциите на системот.