ОБСЕ позитивно ги оцени измените во двата закони за медиуми

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денес на прес-конференција информираше дека Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на 19 Јули 2013 година, испрати анализа на Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

ОБСЕ ја поздрави соработката помеѓу Канцеларијата на претставникот за слободата на медиумите Дуња Мијатовиќ и Министерството за информатичко општество и администрација, при што позитивно ја оцени одлуката за поделба на првичниот нацрт-закон во два закона, како и прифаќањето на голем број забелешки за подобрување на самиот текст.

„ОБСЕ позитивно го оцени бришењето на членот за саморегулација, а исто така прифатлива е дефиницијата за новинар за која имаше широка дебата. Со новиот Закон за медиуми членот за правата на новинарот е изменет и подобрен, при што не се нарушуваат други правила и принципи“. – рече министерот Ивановски.

Тој додаде дека членот 4 од законот, кој се однесува на посебните забрани, според анализата на ОБСЕ е по теркот на интернационалните стандарди, со сугестија за дополнително објаснување, односно која е потребата за вклучување во овој закон, за што постои подготвеност за сериозно разгледување на овие препораки.

„Имајќи ги во предвид дискусиите што ги водевме со сите субјекти во медиумската фела, сите останати забелешки од претходните извештаи на ОБСЕ се повлекуваат. Остануваме посветени на процесот на подобрување на законските решенија и сите мислења, сугестии и препораки сериозно ќе ги земеме во предвид“. – додаде Ивановски.

Што се однесува до надлежностите на Агенцијата за медиуми, предложеното решение е прифатливо во однос на слободата на медиумите. ОБСЕ препорачува да се допрецизира текстот, со цел да се појасни дека Агенцијата нема да има ингеренции врз содржината и програмите на електронските портали и печатени медиуми, како што е впрочем и нашата заложба.

Во однос на глобите, ОБСЕ препорачува да има градација во казнената политика на агенцијата. Во контекст на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во извештајот на ОБСЕ стои дека тој ја следи директивата од ЕУ и е генерално добар.

„Позитивна е одлуката да има повеќе членови во Советот на агенцијата од граѓанското општество, а целиот процес на именување, селектирање, поставување на критериумите на кандидатите е прифатлив. Работењето на агенцијата е според најдобрите интернационални практики, со апел за допрецизирање на административниот надзор. Во однос на измените за јавниот радиодифузен сервис тие се генерално добри и во рамките на интернационалните стандарди“. – рече министерот Ивановски.

„Би сакал да ја искористам оваа прилика и да се заблагодарам на Канцеларијата на претставникот за слободата на медиумите на ОБСЕ за одличната соработка што ја имаме и за експресното донесување на овој позитивен извештај за нас. Би сакал да ги поканам сите заинтересирани страни да се обратат до МИОА со свои коментари за подобрување на законите што се во Собранието на Република Македонија“. – додаде Ивановски.