Владата овозможи бесплатно ин-витро и за второ дете

Од први јануари следната година ќе започне да се спроведува Владиниот проект за бесплатно ин витро за второ дете. За ова информираше претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.

„Информациите дека Владата донесе одлука за бесплатно ин витро за второ дете се точни и тоа беше одлучено на последната седница на Владата, претходно заедно со министерот за здравство долго време вршевме подготовки за оваа работа, заедно и со министерот за финансии се разбира, затоа што се работи за прилично скапа операција. Ние веќе следната година во буџетот ќе планираме дополнителни 1, 5 милион евра за оваа активност и заедно со ин витро за прво дете тоа ќе биде вкупно 2, 5 милиони евра за ин витро за македонските граѓани“, нагласи премиерот Никола Груевски.

Како што рече, очекувањата на Владата се од втората година износот да се намали на 1 милион годишно за второ дете и еден милион годишно за прво дете. Тој посочи дека за првата година се планирани повеќе средства затоа што, како што рече, има насобрано луѓе кои заради финансиски причини чекале и неможеле да го остварат тоа право и таа активност.

Нагласи дека Македонија станува лидер во овој дел затоа што не многу земји имаат можност да имаат бесплатно ин витро и за прво дете, како што има во Република Македонија и рече дека ова е една од мерката активности на Владата поврзани со демографската политика.