Димовски: Условениот увоз на пченица и брашно останува на сила до стабилизација на пазарот

Мерката за условен увоз за пченица и брашно останува на сила до предвидениот рок до 31 декември годинава, односно се до стабилизирање на пазарот и редовниот откуп на македонска пченица и нема да претрпи никакви измени, најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Појасни дека реципрочни мерки за македонските домати и вино од страна на Србија, која се најде најпогодена од мерката, и покрај најавите нема да има, пред се поради, како што рече, брзата реакција од македонска страна и цврстите аргументи за нејзиното воведување.

„Мерката не се однесува посебно за некоја држава, туку важи за сите земји. Изминатиот период имавме разговори со Србија која се јави како најзасегната страна. Искажавме аргументи со конкретни податоци и причини за воведување и тие се прифатени во целост. Взаемен е заклучокот дека до стабилизирање на пазарните услови и редовниот откуп на пченицата од годинешната реколта мора да се дојде за што е потребно да се применува мерката“, рече Димовски.

Пазарот во Македонија, рече, е либерален, но државата е обрзана во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој да го заштити домашното производство. Согасно договорот од ЦЕФТА, како што појасни Димовски, во случај на пореметување на домашниот пазар за одреден производ државите членки имаат можност за заштитна мерка која ќе придонесе за регулирање на пазараните односи, и на понудата и побарувачката се до негово стабилизирање.

Според него, во изминатите 18 месеци во Македонија биле увезени околу 150 илјади тони пченица и над 70 илјади тони брашно. Тоа изразено во пченица би значело дека се увезени над 250 илјади тони од оваа култура, што, како што истакна министерот, е премногу за македонскиот пазар.

Мерката предвидува обврска оној кој ќе увезе еден килограм увезена пченица, да треба да откупи три килограми домашна пченица, односно доколку увезе еден килограм брашно да треба да откупи четири килограми пченица.

Министерот Димовски, досегашниот тек на жетвата на пченица го оцени како релативно добар, со мало отстапување од просекот во споредба со минатите години во овој период. Не се забележани, рече, посериозни законски отстапувања во начинот на откуп на пченицата. До сега е извршен откуп на околу 50 илјади тони пченица. Тоа, според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство е од 35 до 40 проценти од количината пченица која годишно вообичаено се предава во откупните компании. Димовски ја искористи приликата на откупувачите да им порача да ја имаат предвид општествената одговорност за откупот на пченица како стратегиски производ.

Министерот Димовски информира дека Владата изготвила предлог-закон за квалитет на земјоделски производи со кој, меѓудругото, се предвидени заштитни маркици за увоз на брашно со што, како што истакна, ќе се воспостави потребната контрола. Оној кој ќе сака да увезува брашно ќе треба од надлежните институции такви маркички и да ги достави до производителот во странство, кој пак ќе треба да ги залепи на пакувањето на брашното кое треба да се увезе за македонскиот пазар.