Со брод ќе се мониторира водата во Преспанското Езеро

Во водите на Преспанското Езеро од денеска почна мониторинг и истражување на екосистемот со брод, обезбеден преку проектот за заштита на Езерото. Проектот финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка го спроведува УНДП, во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Ресен.

На официјалното почнување на мониторингот присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, амбасадорот на Швајцарија Стефано Лазарото, в.д. постојаниот претставник на УНДП Алесандро Фракасети и градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски.

„Ставањето во функција на бродот за мониторинг ќе претставува важна пресвртница во идното управување со водите на ова Езеро. Со негова помош, надлежните институции, ќе можат редовно да ја следат состојбата со Езерото и ќе алармираат секогаш кога ќе треба да се преземат одредени мерки“, нагласи Адеми.

Мониторингот на водите во Македонија, како што додаде, е еден од приоритетите на Министерството за животна средина и просторно планирање од причина што нивното одржливо управување е можно само доколку континуирано се следат промените во нив произлезени како резултат на човечкото дејствување, развојот на сливните подрачја, климатските и другите природни влијанија.

„Согласно нашите надлежности, а користејќи ги постоечките капацитети во државата, се трудиме што е можно повеќе да ја развиваме мониторинг мрежата, со цел навремено да реагираме при евентуални негативни промени во водните системи. Ова е еден од првите и најголеми чекори кон воведување на интегрален, континуиран мониторинг на езерските води“, рече Адеми.

Ресорниот министер за идниот месец најави отворање на Станицата за мониторинг на Преспанското Езеро, во село Стење, која ќе биде опремена со најсовремена лабораторија. Со континуираното спроведување на вакви проекти, нагласи, Преспа веќе претставува препознатлив пример за тоа како на најдобар можен начин се демонстрира грижата за зачувувањето на природните вредности на нашата држава. 

Швајцарскиот амбасадор Лазарото нагласи дека преку проектот за заштита на Преспанското Езеро, чија вредност е 6,3 милиони швајцарски франци ќе се подобри квалитетот на водата во Езерото.

„Преку овој проект предвидени се неколку мерки, некој од нив се применети, а дел допрва треба да се реализираат. Еден од големите предизвици за оние што се вклучени во проектот е колку се ефективни мерките што се имплементираат, а бродот за мониторирање е одговор на таа дилема“.

За претставникот на УНДП Фракасети Преспанското Езеро е еден од најголемите проблеми што ги имаат во Македонија. Целта на пловилото, подвлече тој, е да го следи квалитетот на мониторингот на напредокот на квалитетот на водата.

Преку овој проект, како што информира градоначалникот на Ресен Стрезоски ќе биде изградена станица за мониторинг и управување со водите од Преспанското Езеро со најсовремена лабораторија за следење на квалитетот на водите, изградба на пристаниште за мониторинг-бродот, како и обука на стручни лица кои во иднина ќе раководат со системот за мониторинг на езерото.

„Општина Ресен ќе вложи максимални напори за правилно да се искористи се она што е наследено за доброто на регионот и жителите од општината“, рече Стрезоски.