Два нови случаи на кражби на македонски регистарски таблички во Грција

Изминатава недела, поточно на 24 и 25 овој месец, граничната полиција евидентираше два нови случаи на кражби на македонски регистарски таблички од возила на наши државјани (во првиот случај кумановски а вториот – струмички регистарски таблички) кои биле на летување во соседна Грција, и притоа локацијата на двата настана повторно е грчкото летувалиште Ханиоти.

Практично, појавата на кражби или оштетувања на македонски регистарски таблички во Грција што зачести со почетокот на туристичката сезона продолжува. Во изминатиот период заклучно со овие два случаи вкупно од страна на нашата гранична полиција евидентирани се 27 одземања на регистарски таблички од кои повеќето се украдени пред се во Ханиоти (12) и Неа Пори (5). На 18 возила им се украдени и двете регистарски таблички а на останатите 9 по една.

Од вкупниот број случаи – 18 се пријавени од страна наши државјани и на грчката полиција, но досега МВР нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. Покрај ова регистрирани се и четири случаи на оштетувања на возила односно на задната табличка на возилото, пришто со црн спреј била избришана ознаката „МК“ и во некои случaи било напишано „ГР“.

Петнаесет од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите од повеќе други градови од државава.