Перо Антиќ – првиот македонски кошаркар во НБА лигата

Од синоќа и официјално, Македонија го доби првиот играч кој ќе настапува во најсилната кошаркарска лига во светот – НБА лигата. Капитенот на нашата сениорска репрезентација, Перо Антиќ, кој во минатите две сезони со Олимпијакос ја освојуваше Евролигата, потпиша две-годишен договор со Атланта Хоукс.

„Перо е сестран висок играч кој ќе ни даде дополнителен квалитет во рекетот. Тој се вклопува одлично во она што ние како организација сакаме да го изградиме тука и возбудени сме што тој е наш нов играч“, изјави Дени Фери, генералниот менаџер на Хоукс по официјализирањето на договорот со Антиќ.

„Возбуден сум и почестен што ќе бидам дел од НБА лигата. Потребен ми беше нов предизвик по двете сезони во кои ја освојував титулата во Евролигата. Кога новиот тренер Мајк Баденхолцер ме повика, не можев да помислам на поголема можност од оваа која ми се пружа во Европа. Веднаш му кажав дека би ми била чест да играм за Хоукс и дека ќе дадам се од себе. Не велам дека ќе ја освоиме титулата, но јас ќе го пружам своето најдобро со цел да им помогнам на соиграчите да победуваме“, изјави Антиќ за локалните медиуми фокусирани на случувањата во клубот.

„За секој играч кој настапува во Европа ова е сон. Имав шанса во 2008 година во Орландо, но тогаш една руска екипа ми достави финансиска понуда која не се одбиваше. Таа беше пет пати повисока од таа на Орландо. Но, овој пат ова го сторив за себе, не сакав да знам дека сум имал шанса и не сум ја искористил. Ова е голем предизвик за мене, најголемиот предизвик кој постои за еден играч“, дополни капитенот на нашата репрезентација, кој со потписот за Хоукс испиша нова страница во кошаркарската историја на нашата земја.

По потписот на договорот со својот нов клуб, Перо Антиќ директно ќе отпатува за Словенија каде ќе се приклучи на подготовките на нашата сениорска репрезентација за настап на Евробаскетот во септември. Селекторот Алеш Пипан, на висинските подготовки во Крањска Гора, на располагање ќе ги има сите кошаркари.