Сараќини: Пред да патувате склучете договор со туристичките агенции

Министерот за економија Ваљон Сараќини, на прес конференција ја промовираше брошурата наменета за потрошувачите и нивните права при организирани туристички патувања подготвена од министерството за економија и организацијата на потрошувачи на Република Македонија. На прес конференцијата  учествуваа и Претседателот на организација на потрошувачи на Република Македонија Маријана Лончар Велкова и Татјана Перовиќ-Митрова од Стопанска комора за туризам.

Брошурата, која е испечатена на македонски и на албански јазик, транспарентно и јасно ги претставува правата на потрошувачите при организирани туристички патувања и обврските на туристичките агенции, кои произлегуваат од Законот за туристичка дејност, а имаат за цел да го заштитат потрошувачот од нефер односи и непрофесионално работење на некои субјекти, од една, и да овозможат елиминирање на нелојалната конкуренција меѓу туристичките агенции, професионално извршување на туристичката дејност и фер односи на пазарот, од друга страна.

„Преку брошурата сакаме да укажеме посебно на значењето на договорот кој го потпишуваат потрошувачите и давателите на туристички услуги, каде се ставени  правата и обврските и на двете страни, не само на едната страна, а златното правило гласи: секогаш склучете договор во пишана форма, но претходно добро запознајте се со договорот”, рече Сараќини додавајќи дека со брошурата сакаме дополнително да придонесеме за подигање на квалитетот на услугата и секако почитување на регулативата што е во интерес и на агенциите и на граѓаните односно потрошувачите.

Во насока на заштита на потрошувачите Државниот пазарен инспекторат постојано врши контроли низ туристичките агенции, што е дел од нивниот годишен план за работа, а континуирано ќе постапува и по пријавите на граѓани за ваков тип оштети.

„Кога сме веќе кај жалбите на граѓаните, односно претставките од страна на потрошувачите, минатата година е постапувано по 67 пријави, а присилно се затворени 11 туристички агенции. Главниот проблем со пријавите од граѓаните е неисполнување на договорите кои патниците ги потпишуваат со агенциите”, информираше министерот.

Министерот Сараќини апелираше до туристичките агенции да ги почитуваат договорите со своите патници, она што го нудат за цената навистина и да го реализираат, бидејќи покрај санкциите кои ќе следат за непочитување на законот за туристичка дејност и законот за заштита на потрошувачите, да не ја занемаруваат и  штетата што ќе ја имаат и од директната негативна реклама на незадоволните патници или групи. „Покрај ова, би сакал да им обрнам внимание и на граѓаните, да внимаваат при изборот на аранжмани,  да не прифаќаат нереални понуди кои се нудат во рекламирањето и да внимаваат на реномето на агенцијата која ја избираат”, потенцираше Сараќини.

Претседателот на организацијата на потрошувачи на Македонија Маријана Лончар  Велкова информираше дека промоцијата на брошурата наменета за потрошувачите и нивните права при организирани туристички патувања во другите градови ќе се случува од месец септември, а граѓаните ќе може да ја најдат на веб страниците на организацијата на потрошувачи на Македонија, на министерството за економија и во секоја туристичка агенција.

„Во последните 6 месеци има вкупно 719 поплаки од граѓаните од кои 9 поплаки се однесуваат на туристичките агенции. Граѓаните се жалат најмногу на сместувањето, превозот и доцнењето на летовите”, посочи Лончар Велкова одговарајќи на новинарско прашање.

Татјана Перовиќ Митрова од Стопанската комора за туризам потенцираше дека најпосакувани дестинации се Грција, Турција и Албанија.