Премиерата „Кавкаски круг со креда“ од Бертолт Брехт во режија на Златко Славенски вечерва во Предворјето на Св.Софија со почеток во 21 часот во рамките на драмскиот дел од Охридско лето, ќе понуди специфична класика со оргинална музика, комбинација на различни генерации на актери, од пензионирани актери до деца кои допрва ќе бидат дел од театарската сцена. Според селекторот Ѓорѓи Јолевски оваа претстава содржи голема возбуда.
„Прекрасниот простор на Предворјето на Света Софија во Охрид како сцена доби потполно нова димензија со премиерните изведби. Во овој момент тоа е претворено во илузија, преку третата премиера на годинешното „Охридско лето“, режисерското дело на Славенски, на текст на Брехт“, рече селекторот на драмската програма Ѓорѓи Јолевски.
Режисерот Славенски рече дека претставата е слика на животот кој се живее денес, слика на животот кој се живеел во минатото.
„Се обидовме да направиме претстава што ќе ја гледа публиката, со идеја да се даде свое толкување, копнеж да се дешифрира животот во одредена форма, одреден јазик. Во тој процес сметам дека се создаде една атмосфера на надградба, надоврзување за која сметам дека дава квалитет повеќе на претставата“, рече Славенски.
Откривајќи за приказната која зборува за едно мало дете, режисерот истакна дека оваа претстава кај гледачот ќе побуди грст емоции, но исто така и безбројни дилеми, за тоа – што всушност значи да бидеш мајка? Дали е тоа нешто што е наследно или е тоа чудна и чудесна појава која не трпи генетски ограничувања? За темата што ја третира делото на Брехт, Славенски оцени дека интенција на целата екипа било да се пренесе еден зрак надеж, светлина во животот и тоа преку дејствието во текстот каде авторот ја нагласува примарната емоција, потребата да се заштити нејакото, нежното и убавото.
„Преку претставата идејата беше да се покаже дека ќе се спасеме, дека живееме и оти ќе продолжиме да постоиме се додека се прават убави нешта“, рече Славенски.
Драмското дејствие во претставата го носи Сања Арсовска, која ја толкува улогата на Груша, жената која во текстот на Брехт спасува напуштено новороденче.
„Груша ја доживувам како нормална, обична, едноставна жена, истрајана во своите намери, храбра во своите одлуки, дрска кон користољубивоста. Таа наоѓа едно дете и без никаква обврска кон него го задржува и се бори за неговиот живот, притоа влегувајќи во суров и алчен свет во кој малку се знае за хуманост, свет во кој правдата ја уживаат само моќните и привилегираните. На сите нам ни недоставува жарче светлина, токму тоа е Груша, таа е зрното човечност што може да даде смисла на животот…“ – истакна Арсовска.
Инаку, потврдената актерска екипа на Драмскиот театар овојпат е збогатена со учество на најмладиот протагонист на сцената, малиот Борјан Давитковски, кој претставува центарот околу кој се врти дејствието во драмата, преку улогата на детето Михаил.
Михаил во еден миг се наоѓа во дилема да одбере дали ќе оди со жената која го спасува од смртта или со неговата вистинска биолошка мајка која го остава веднаш по раѓањето.
„Токму во тој момент ја почувствував тагата и избезуменоста на малиот Михаил, што не знае која е неговата вистинска мајка, дали онаа што го спасила или биолошката мајка што го родила“, рече Давитковски, појаснувајќи дека сепак на крајот неговиот избор била Груша, жената што го спасува и прифаќа како свое чедо.